-Министерке добровечер, добредојдовте во Агенда 35. Задоволство е да се сретнеме во сивата и врнежлива, но сепак убава Подгорица. Да почнеме со можеби најтешкото прашање – како гледате на судирот меѓу ЕУ и новата американска администрација?
Мислам дека е многу важно за САД и за Европа да продолжат да работат заедно на безбедноста, поддршката на Украина и навистина ни треба и работиме кон континуиран силен американски ангажман во Европа и за поддршка на Украина, но во исто време да се фокусираме на она што и ние можеме да го направиме. Треба да ги зголемиме трошоците за одбрана, да ја зголемиме нашата поддршка за Украина и тоа е нешто што мислам дека европските држави го покажаа многу јасно минатата недела во Брисел, дека навистина сакаме да го направиме тоа и сме подготвени и тоа е нешто што Шведска исто така го прави со зголемување на одбраната во последните неколку години и исто со зголемување на нашата поддршка за Украина – ние неодамна донесовме одлука за најголемиот пакет воена помош кон Украина од почетокот на инвазијата.
-Но, каде го гледате ризикот, ако ЕУ и САД сепак не можат да најдат заеднички јазик?
Украинскиот народ се бори не само за нивната слобода и демократија, туку и за целиот континент и за целиот слободен свет, всушност. Имаме споделена одговорност и интерес да работиме заедно, САД и Европа, да сме заедно и да обезбедиме дека Украина ќе ја победи оваа војна и дека ние можеме да создадеме мир пак во Европа. Мислам дека тоа е она на кое сите работиме и е на линија со американската администрација.
-Сите навиваат за мир, тоа е недвојбено. Но, како гледате на повиците за мир што доаѓаат од Белата куќа?
Многу нешта беа кажани, многу нешта напишани по социјалните медиуми. Не можеме и не треба да реагираме на се што ќе се сподели по социјалните мрежи, но треба навистина да се трудиме да има дијалог и вклученост помеѓу САД и Европа. Од европска страна ние сме многу јасни – сите преговори за Украина мора да бидат со Украина на масата, а сите дискусии за безбедноста во Европа бараат Европа да биде вклучена во тие дискусии.
-Славите 30 години членство во ЕУ, годинава. Честитки за тоа. Може ли да повлечете паралела – каква беше ЕУ тогаш, каква е сега, но исто и за вашата земја, какви придобивките има Шведска од членството?
Многу е јасно дека имаме бенефити од тоа што сме членка, тешко е да се сведат во неколку реченици. Само тоа што сме дел од единствениот пазар со 450 милиони потрошувачи кој е еден од најголемите пазари за нашите компании, што е многу важен за нашите бизниси и за нашиот развој, па потоа преку членството исто така добивме поголем глас во светот кога се работи за важни прашања. Шведска како земја од 10 милиони жители никогаш не би го имала истиот глас како што го има сега како дел од европското семејство. Тоа е во онаа поширока смисла од нашите бенефити од членството, но исто така има и мали, а важни нешта – студенти кои се дел од Еразмус студентски размени, или на пример фактот што може да се јавите во друга земја без трошоци за роаминг, што значи дека има важни придобивки, од големи до мали, но навистина многу добивме од членството.
-Ќе беше ли Европа посилна денес во геополитичка смисла, ако проширувањето беше завршено?
Мислам дека треба да го искористиме моментумот сега. После инвазијата можам да видам дека навистина ЕУ се обедини, можеме да видиме поголема посветеност кон процесот на проширување и од ЕУ, но и од земјите кандидати за спроведување на реформите. Треба да се зграпчи оваа можност, овој моментум. Гледаме неколку предводници напред во процесот и велам дека не е прашање – дали, туку кога ЕУ ќе има нови членки и Шведска поддржува многу земји на Западен Балкан преку поддршка за реформите, туркајќи за антикорупциски реформи, реформи во правосудството, но исто така и други тешки теми, како што е на пример, заштитата на околината. Значи навистина ни е важно за нас да се зграпчи моментумот.
-Да, реформите се потребни и тоа се разбира дека е навистина важно, но во нашиот случај, за жал, кога билатералните прашања беа воведени во процесот, го изгубивме фокусот на реформите и станавме преокупирани со Бугарија и со проблемите што ги имаме со нив. Како гледате и како ги цените билатералните прашања во процесот? Мислите ли дека нивното воведување е всушност грешка?
Мислам дека многу е важно да се фокусирате на тоа што сами можете да го сторите, да ги спроведете навистина потребните реформи, оти конечно, тоа е она на што се сведува, реформи во судството, фундаментите, или нешто друго многу важно. Значи – продолжете! Мојата порака генерално е дека не сакаме билатерални прашања да застанат на патот на процес што се базира на мерит. Низ историјата сме виделе дека билатералните прашања некако наоѓаат и решение, на тоа мора да се работи конструктивно, но конечно повторно процесот се враќа на реформите што треба самите да ги направите. Шведска ветува дека ќе ви биде поддржувач и од наша страна ќе сториме се што можеме за да ви помогнеме.
-И моето последно прашање е повторно за билатералните прашања. Има многу иницијативи, кои доаѓаат и од невладиниот сектор, но и од земји членки за една нова методологија, еден нов пристап во процесот. Како го цените тоа и дали ја поддржувате идејата дека ЕУ треба да го напушти концептот на консензус?
Мојата порака е многу јасна – да не се дозволи билатералните прашања да застанат на патот. Она што ние го туркаме исто е еден полесен процес во проширувањето. Се разбира дека сите земји треба да се согласат за да прифатат нови членки, на крајот. Но, секоја одлука за отворање на некое поглавје, затворање на некое поглавје, отворање или затворање на кластер, за тоа мислам дека треба да одиме од консензус кон она што го нарекуваме гласање со квалификувано мнозинство, за да се направи процесот поедноставен. Знам дека тоа е нешто што и Комисијата го разгледува, оти во спротивно, ќе добиете една несреќна ситуација, оти мислам дека се сто или сто и педесет одлуки за секоја земја во процесот на пристапување.
Ви благодарам многу за Вашите пораки и за интервјуто. Следниот пат Ве чекаме во Скопје.