Упад во упад

Оние на кои треба силно да им веруваме дека нѐ чуваат од апаши и насилници, од откриени и скриени убијци, значи - судии и обвинители, е тие се однесуваат како тинејџери вратени дома после полноќ, а соочени со прашањето - дали на забавата имало алкохол? Паника, хаос, недоречености, префрлање на вина, пелтечење, соопштенија од кои боли глава, правдање, молк ... Срам!

Додека Никола Груевски пишува романи и мемоари по социјалните мрежи од Будимпешта, а Артан Груби докажа дека е крајно некултурен останувајќи на поседок повеќе од три дена, што се „доста за сваког госта“, повеќе од оправдано е граѓаните да паничат кога на кој било друг осомничен за огромен криминал ќе му се досуди мерка домашен притвор. Ако на ова се додадат сите други и стари и нови бегалци од македонската правда, заедно со информациите за тоа како некои и осудени ги поминуваат своите казни по македонските туристичко-затворски сместувалишта, се разбира дека ќе се дува и на кисело млеко.

Со таа разлика, што во последниот случај, млекото сепак е ќе да е и жешко и пред вриење.

Не може да се каже дека беше големо изненадување апсењето на Ратко Капушевски, познат увозник на нафтени деривати и на Асмир Јахоски, првиот човек на „Пуцко петрол“ со обвинување дека увезувале сомнителен мазут, што ги загрозува здравјето на граѓаните и животната средина, со што полицијата кажа дека разоткриена е мрежа на увозници кои противзаконски испорачале горива со високи нивоа на сулфур и тешки метали.

Велам, не беше изненадување оти многупати претходно имаше и наоди, вести, шпекулации, информации, но и сериозни истражувања по медиумите кои откриваа дека кај нас има бизнисмени (експлицитно вклучувајќи ги и овие двајца), кои мува нема да ги полази да увезат и чист отров само за да се наполнат со пари, факт што државата досега го гледаше отстрана без многу да се меша во сопствените надлежности.

Не изненади веројатно ниту фактот што едниот од осомничените наместо во притвор заврши дома. Она што малку изненади тука беше образложението, кое го надмина и добро познатиот хумор на македонската правда, па овој пат, покрај стандардната олеснителна околност – дека осомничениот милионер е болежлив, со едно кревко здравје, сега имаше и дека имал силни врски со државата (ахааа!), бил голем бизнисмен, имал компанија со многу вработени, демек има одговорност пред нив (па, дали!?), но и дека е единствен старател на малолетни деца кои по разводот со сопругата му припаднале нему. Мора да се признае дека пред последното тешко е човек да не се подзамисли и да не го потресе неколку секунди мислата прикажана низ кулоарите и брифинзите дека невини дечиња ќе треба да завршат по социјалните служби, ако таткото отиде во притвор. Но, после тие секунди доаѓа трезвено расудување, кое во сите овие образложенија, сосе последното, гледа сериозен проблем во нивната веродостојност, но и обид за манипулација не само на јавноста, туку и на целиот правосуден систем.

Прашањето што е овде клучно е сепак – колку самиот систем не е дел од таа манипулација.

Фактот што првиот ден по доделувањето на домашен притвор, Кривичниот суд и Обвинителството излегоа со сосема различни вистини за тоа што точно се случило е уште една шајка во ковчегот на закопаната доверба во правосудството. Судот кажа дека домашен притвор е определен на предлог на обвинителката, а од Обвинителство инсистираа дека тие барале притвор. Подоцна се испостави дека обвинителката навистина дошла со предлог за притвор, ама самата судијка, откако го сослушала обвинетиот со сите негови образложенија погоре прецизно наведени, се разнежнила и таа предложила до обвинителката да се примени сепак мерката домашен притвор, со што оваа сцена влегува во еден филмски преседан каде судија на обвинител му предлага мерки, потег што по редот на нештата во нормални држави оди по обратен редослед.

Но, тоа не е сѐ. Следниот ден, по долго мислење, се јави Основниот суд, за да каже дека – внимавајте сега – обвинетиот не само што не е старател на децата, туку никогаш и не побарал старателство врз нив! Ма, дајте!

Ајде што ова значи дека некој мавтал со фалсификувани документи (изнесување на лажен документ пред суд е кривично дело само по себе), ајде што некој тие документи требало да ги издаде, ајде што никој со оглед на тежината на злочинот, но и евидентните политички и бизнис релации на осомничениот (и неговото семејство) не се потресол да им ја провери веродостојноста, туку уште дочекавме судски институции да се еден таков раштиман оркестар, така безобразно да комуницираат и да споделуваат важни професионални информации преку медиуми (некој ќе забележи – или преку партии), наместо преку професионални канали, навремено, што сето ова стана просто мачно да се гледа.

Тука, се разбира прстот автоматски се впери и во првиот човек на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, докажан, документиран и фотографиран пријател на партискиот врв на ДУИ (каква коинциденција, партија од чии редови пратеник е таткото на осомничениот), на кого дури и премиерот одлучи јавно да му порача да се прибере, благо кажано. Ова е истиот човек за кого амбасадори се шокираа како е избран, но и истиот човек, избран токму од неговите колеги, кои го изгласаа иако немаше достапна биографија и програма, бегаше од соочување по медиуми и имаше спорни партиски релации. Истите колеги сега излегоа да го бранат меѓу другото со порака дека не можел да влијае врз случајот, оти кога го апселе Јахоски Абази не бил во земјава… небаре во 21 век, за да влијаете треба буквално да му дишете во врат некому.

Нејсе… Обвинителството поднесе жалба за одлуката за домашен притвор, но без разлика на тој исход, ќе остане горчливото чувство дека овде едноставно нема скандал, нема афера, нема трагедија – од газење на девојка на пешачки, па до најкрупен криминал со инволвирани големи риби, кога оние на кои треба силно да им веруваме дека нѐ чуваат од криминалци, од откриени и скриени убијци, значи – судии и обвинители, се однесуваат како тинејџери вратени дома после полноќ, а соочени со прашањето – дали на забавата имало алкохол? Паника, хаос, недоречености, префрлање на вина, пелтечење, соопштенија од кои боли глава, правдање, молк …

Срам!

Срам за сите инволвирани, кои тука се покажаа дека не се достојни ни за својата професија, ни за елементарна почит, како луѓе, како граѓани на оваа напатена земја, кои и самите се жртви на сето тоа што горење на еден ваков мазут може да значи.

Во меѓувреме, власта е целосно решена да направи една чистка во правосудството. Ваквите епски пропусти се ништо друго туку едно совршено алиби. Да, има изјави со загриженост од некои амбасади и експерти, европски институции и функционери, кои алармираат дека таа чистка што се најавува како „реформи“ може да значи упад во судството, но се разбира дека нема граѓанин кој веројатно и легитимно, на тоа нема да каже – ама дали сте сериозни? Упад кај оние кои самите се упаднати, па дали тоа сè уште се вика упад?

За жал, да… доколку тој не се искористи за поставување на вистински луѓе на вистински места низ сите пори на правосудството, преку еден транспарентен, чесен и фер натпревар, тоа ќе биде само уште еден упад. Ништо повеќе.

И не, никаква утеха нема да ни биде, што овој пат ќе е нов.

Што ќе рече – голем тест за владата, на клучна тема и во клучно време! Бујрум!

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here