Церемонијата на полагање заклетва на новоизбраната претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, предизвика бурни реакции во Атина, Брисел и многу други европски метрополи.
Не затоа што таа е првата жена претседател на земјата или затоа што штотуку извојува убедлива победа. Исто така, не се работеше за нешто што таа го кажа. Всушност, се работеше за она што таа не го кажа, вели претседателот на „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров во колумна за Euronews.
При полагањето на заклетвата, претседателката Давкова ја испушти придавката „Северна“ и рече само „Македонија“ и покрај тоа што истиот ден потпиша официјална заклетва под уставното име на својата земја.
Сепак, имајќи предвид дека таа водеше кампања со ветување дека ќе го почитува, но не и да го изговара целосното уставно име на земјата што сега ја води, наведувајќи го нејзиното лично право на самоопределување и земајќи ги предвид нејзините критики за Преспанскиот договор, нејзиниот гест ја вознемири соседна Грција.
Премиерот Кирјакос Мицотакис предупреди дека секое отстапување од договорот ќе има тешки последици врз односите меѓу двете земји, како и врз евроинтегративниот пат на нас овде во Северна Македонија.
Сега веќе озлогласениот проблем околу името ги затегнуваше односите меѓу Скопје и Атина цели 27 години, од осамостојувањето на тогашната Република Македонија во 1991 година, сè додека истиот не се реши со потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018 година.
Проблемот, исто така, го блокираше членството на Северна Македонија во НАТО и пристапувањето во ЕУ повеќе од една деценија.
„Ти си мој херој, да гориш во пеколот“
Јас лично потрошив 15 години обидувајќи се да го решам проблемот: првично како дипломат и главен преговарач, потоа како ко-застапник пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за случај поврзан со спорот и на крајот како министер за надворешни работи.
Заедно со мојот грчки колега Никос Коѕијас, го постигнавме она што претходно се чинеше невозможно и успеавме таму каде што „Сизиф не можеше“.

За да се сретнат некаде на половина пат им одзеде доста време и на двете нации. Коѕијас и јас добивавме закани и пораки со омраза од една страна и пофалби од друга.
„Ти си мојот херој“ и „Да гориш во пеколот“ беа очигледно контрастните поздрави што ги добивав секојдневно во Скопје во 2017 и 2018 година.
Договорот што го потпишавме е добар компромис, којшто ги адресира клучните интереси на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тој момент и го иницираше обновувањето на врските меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка.
Не можеш да им угодиш на сите
„Преспа“ има елементи кои се тешки и за двете земји. Македонскиот јазик, на пример – израз на правото на самоопределување на етничките Македонци – е нешто што многу грчки политичари се мачат да го прифатат или изговорат.
Истото важи и за меѓународните кодови на земјата: сè уште можеме да користиме МК и МКД, освен на регистарските таблички на возилата.
Сепак, иако меѓународните сообраќајни правила велат поинаку, овие кодови не се наоѓаат на патоказите кон Скопје кога возите низ Грција. Не може да видите „Северна Македонија“ ниту покрај знаците што ве насочуваат кон Бугарија или Турција.
Од наша страна, користењето на „Северна“ останува камен на сопнување за многу македонски политичари, особено кога треба да го кажат тоа дома.
Меѓутоа, ако не ја прифатевме употребата на кованицата Северна Македонија за сите официјални цели и во секoја прилика, немаше да има договор бидејќи ова беше критично важно прашање за грчката страна.
За многумина во Грција дури и ова име не е прифатливо, бидејќи би сакале нивната соседна земја воопшто да го нема зборот Македонија во своето име.
Сето ова покажува дека не можеше да се постигне договор кој целосно би ги задоволил двете страни.
Сепак, Договорот од Преспа, глобално пофален како триумф на дипломатијата и најзначајниот договор на Балканот - регионот има изобилство спорови, но малку решенија - по Дејтонскиот мировен договор во Босна во 1995 година, беше попречуван од различни страни.

Колку удари може да истрпите пред тотален колапс?
Првиот удар го упати ВМРО-ДПМНЕ, убедливиот победник на сега завршените парламентарни избори. Во 2018 година партијата во суштина го бојкотираше референдумот за прифаќање на компромисот со Грција.
Додека македонските граѓани (или граѓаните на Северна Македонија, ако сакате) гласаа „за“ во огромен број, гласовите „против“ – што се очекуваше да дојдат од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ – беа премалку, и потребната излезност не беше постигната.
Бојкотот ја одржа националната рана полуотворена. Народот не одлучи.
Вториот удар – а, ова може да биде изненадување за многу читатели кои не се запознаени со нашите болки на Балканот – дојде од самата ЕУ.
Пред референдумот за Договорот од Преспа, многу европски лидери, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел (претседателот на Франција Емануел Макрон испрати видео порака), дојдоа во Скопје и јавно му ветија на народот: поддржете го договорот и ќе отвориме пристапни преговори со вашата земја.
Но, тоа ветување беше прекршено. Франција за прв пат го прекрши во 2019 година со своето вето, додека еден друг сосед, Бугарија, после тоа гордо ја презеде палката на ветата.
Понижувањата чинеа многу на крајот
Уште полошо, Бугарија усвои формален непријателски став против еден од двата фундаментални столба на Договорот од Преспа – македонскиот јазик и идентитет.
И додека Бугарија се извлече со својата непристојна и контрапродуктивна политика кон својот помал сосед и успеа да го трасира европскиот пат за Северна Македонија со бугарски барања, ЕУ како целина стана соучесник во поткопувањето на договорот што самата гласно го имаше пофалено, како и во поткопување на сопствената политика на проширување.
Не е изненадувачки, само околу една третина од македонската јавност денес верува дека ЕУ е сериозна во врска со проширувањето – срамен пораз за Брисел, имајќи предвид дека огромно мнозинство Македонци ѝ веруваа на ЕУ само неколку години претходно.
Конечно, македонската власт во заминување со колосалната неспособност да организира замена на личните карти, пасошите и возачките дозволи на граѓаните под уставното име — доведувајќи ги во ситуација да не можат да патуваат, да возат, па дури и да одат во банка по својата плата или пензија – предизвика нивно понижување и го влоши проблемот до крајност.
Од другата страна на границата, владата на Нова демократија не вложи нешто многу политичка енергија во спроведувањето на Договорот од Преспа. Едноставно, само го толерираше. Неодамна напишав дека претстојната влада на Северна Македонија треба да го стори истото. Изгледа дека згрешив.
Апел за разумот да победи
Она што ни треба наместо толеранција е лидерство. Договорот е прифатлива реалност, дури и меѓу многу негови противници, бидејќи повторното отворање на спорот би било многу полошо.
И се залагам за покажување лидерство во двете земји, Грција и Северна Македонија, да се соочат со оваа реалност и да престанат да си играат политиканство по ова прашање.
Соочете се со оние во двете земји респективно, кои би прифатиле само максималистички решенија за својата страна и кои се носталгични за спорови и антагонизми.
Потсетете ги дека изгубиле. И продолжете со целосна имплементација на Договорот од Преспа, вклучувајќи ги предизвикувачките и понекогаш болни чекори.
Очајно е потребно лидерство и на страната на ЕУ. Исполнете го вашето ветување, ограничете го бизарно големиот број на можности за вето во процесот на пристапување и немојте да станете плен на домашните каприци од минатиот век на која било земја-членка за работи кои навистина се важни.
Бидете сила за добро и не поткопувајте ги, туку засилете ги напорите на оние кои вложиле политички капитал во решавањето на нерешливите спорови.