„… Јас не знам колку пати се стемни оттогаш
и колку пати се раздени не знам,
но знам дека коњот зошто – пошто го продадоа“ – Петре М.Андреевски, „Прва Исповед“ („Дениција“, 1968)
Тешко дека има човек кој успеа да не пушти солзи после документарниот филм на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде трагично загинаа 14 македонски граѓани.
Филмот е крстен „Убиство во Тетово“, оти новинарите низ презентација на документи, сведоштва и изјави, откриваат индиции дека трагедијата не е „божја волја“, туку е дело на државата, преку непочитување на законските прописи, што доведува до несоодветна градба и несоодветно инсталирање на електрична енергија во објектот, со што одговорноста главно се лоцира во нарачателот – тоа е Владата, односно Министерството за здравство во тоа време водено од Венко Филипче и изведувачот – фирмата БРАКО. Никој од нив не е предмет на обвинение, оти обвинителите после девет месеци се фокусирани на дежурниот доктор и раководството на тетовската болница, без воопшто тема на истрагата да бидат причините за настанувањето на пожарот.
Филмот го имате на линкот, па нема да го раскажувам, ама пропустите и злоупотребите што ги нотира се на толку различни нивоа, што внатре е просто собран целиот гнилеж на македонскиот корумпиран и партизиран државен апарат. Сепак, ниедна злоупотреба не се споредува со онаа на правосудниот систем. Чувањето на документи во фиока, селективниот пристап кон информациите кои откриваат или посочуваат вина или индиција за истрага, нарачката на нови и нови вештачења додека не се добие такво што им е по вкус, нетранспарентноста, лагите… Ова е сликата за тоа како јавните обвинители работеле на случајот и секако – за нивниот шеф, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој од ден на ден се’ повеќе станува сенка на имиџот што се обиде да го изгради за себе кога ја презема функцијата ветувајќи дека ќе работи целосно независно од властите.
Неговите колеги, кои демек требаше да бидат наследници на СЈО, ЈОГОКК еднакво потфрлија. Oд кај новиот шеф, Ислам Абази, кој се прослави по блискоста и другарството со партијата на власт – ДУИ и лично со лидерот Ахмети, допрва биле во предистрага, сослушувале сведоци, собирале материјали… па ветиле дека за едно пет – шест години можеби ќе имало нешто конкретно.
Актуелниот министер за правда, Кренар Лога вчера самиот го сподели јавно филмот и порача (две години после трагедијата) дека мора да има одговорност.
Но, кој ќе ја донесе таа одговорност? И дали таа одговорност ќе ги опфати навистина виновните?
А токму ова прашање е главно! Ова е прашањето број еден денес во Македонија – не само дали некој ќе одговара, туку кој ќе ја донесе таа одговорност, кој ќе ја утврди и испорача и кој е гарантот дека овој пат таа ќе е правилно лоцирана и поделена?
Случајот со модуларната болница несомнено предизвика огромно внимание, оти трагедијата е ужасна. Објаснувањата дека било време на криза, па се брзало и не можеле да се почитуваат законските прописи не се само глупави, туку се и опасно манипулативни, оти прво – криза беше насекаде, и во држави кои видете за чудо и модуларните објекти ги граделе со запазени основни стандарди, а второ – индициите се дека тука се прекршени толку многу одредби и направени се такви заткулисни зделки, кои резултираат со солидно „вдомување“ на заслужните (што архитекти, што обвинители).
Ама она што е клучно е што ова не е инцидент, ова е систем.
Филмот на ИРЛ наведува дека законските одредби се злоупотребени од неколку актери на власта, државни служебници и слично. Денеска тие се едни, во минатото биле други, утре ќе бидат некои нови „човечиња“ на државни позиции од чие (не)добро владеење ќе ни зависат животите, и тоа очигледно – буквално.
Главниот општествен договор – да имаме држава – е згазен
Но, дали главната вина е персонално во тие луѓе (за чија морална вертикала секако можеме, а за нивната лична кривична одговорност и мораме да расправаме), или е сепак во овој едноставно непостоечки правен систем што би гарантирал дека пред лицето на правдата ќе бидат изведени и соодветно казнети, за на никој следен во иднина да не му падне на памет да си игра играчки не само со парите, туку и со животот и судбината на тие од кои е платен!?
Земете за пример која сакате трагедија, несреќа, афера за злоупотреба на јавни пари, кривична пријава… никој не верува ни во истрагите на обвинителите, ни во судските одлуки. А тоа ви е една врвна општествена катарза. Кога ќе ви дојде општеството на дереџе да нема никаква верба дека правдата воопшто постои – тогаш веќе ништо не е важно. А, кога ништо не е важно – се’ е можно. Вклучително и свесно ризикување на човечките животи, кои веќе не вредат пет пари.
Неколку години наназад, во повеќе текстови ја застапувам тезата дека нема никаква закана за македонските граѓани денес поголема од корупцијата. Дека денес поради корупција во Македонија можеш буквално да умреш – да загинеш во автобус без лиценца, да те прегазат на пешачки или да изгориш во болница. И дека токму затоа – наивно, ама и нехумано е да се очекува тие да берат гајле за геополитичките игри и сенки над Македонија.
Македонија во моментов е во ситуација кога нашиот главен општествен договор – да имаме држава – е згазен. Владеењето на правото, општествениот ред, законите и правилата кои се еднакви за сите и јавниот интерес како општествен императив се основни предуслови за збирот на луѓе кои направиле заедница да може да се нарече Република. Ние на тоа веќе не личиме.
Нашиот систем е распаднат. Во нашиот систем денеска главни се директорите бесрамници кои велат дека врвен приоритет им е да ја следат визијата на партискиот лидер. Службениците кои се неквалификувани, ама и тие кои се подготвени да стават потпис по нарачка. Учителите кои кутрите самите плачат по учител, да ги описмени. Докторите од чии терапии без размислување ќе избегаат и нивните дома. Градежниците на кои не би им дале ни да ви ја направат куќичката за кучето. Дипломатите кои не умеат да ги испратат по ѓаволите оние кои им се шефови, а кои од преговори научиле само да дадат. Инспекторите кои точно знаат кога да замижат. Новинарите низ чии текстови зборуваат гласовите на нарачателите. Судиите чии пресуди се пишуваат од други. Обвинителите кои ќе обвинат секого, освен тие кои треба… Конечно – граѓаните кои ги имаат прегрнато овие практики, молчат и гувеат, го хранат ова чудовиште на клиентелизам и партизација во една блесава надеж дека нив и нивните фамилии ќе ги изеде последни.
Не, ова нема врска со една или со друга партија. Ова е наш сеприсутен проблем, дури не е ни проблем, оти друго надвор од него практично и нема, ова е толку големо што е просто станато наш модус вивенди, наше сѐ и единствен можен начин да почне да се решава е прво тоа да се признае. Затоа, наместо реформски стратегии и планови, наместо милиони од странски даночни обврзници за владеење на правото и борба со корупција за кои амбасадори после ќе се чудат каде исчезнале, наместо конференции и празни ветувања за промени – ние прво мораме да се исправиме едни карши други, секој карши секого, да се погледнеме в очи и да си признаеме дека веќе немаме систем, а со тоа ни држава.
Ама ова не како политичка флоскула, не како напад на партискиот противник, не како мудрување на телевизиски експерт – туку како еден обединет, искрен крик и соочување со реалноста. Сигурно е полесно и политички далеку поопортуно ние денес да се занимаваме со имињата на улиците, со кич национализмот, со лажниот европски пат, со комити на коњи и со зборови во химна. Ама ништо од ова нема врска со главниот факт – нашиот внатрешен договор да имаме држава е саботиран.
Дебата во која сите се во право…каква ли иронија?!
Ние немаме денес друго решение освен максимален ангажман, и индивидуален и колективен, во редефинирањето и инсистирањето на држење до нашите стратешки цели. Не надворешни, тие ги знаеме. Знаеме и кој (сѐ) лаже за нив. Да, да… лажат на сите страни дека сакаат Европа, да немате дилема. Ама што со овие цели дома? Што со главната – владеење на правото како основен предуслов за Република? Кој дома лаже дека сака држава? Европа, еве тврдат ја сакаат сите. Кој ли ја сака Македонија? И вака ли ја сака?
Славевме многу убав јубилеј месецов – 120 години Илинден. 120 години од Републиката!
Не знам со кој образ и со кое срце се изнаредија честитки од политичките елити, ноншалантно игнорирајќи ја состојбата во која ни се наоѓа земјичката. Никој ниту зборува за суштината на проблемот – не само на партиски киднапирани, туку и на непостоечки институции, ниту некој нуди отворен општествен разговор за тоа како понатаму. Целата политичка дебата е сведена на безобразно меѓупартиско препукување за тоа кој е криминалец. Дебата во која – каква иронија – сите се во право.
Затоа станува повеќе од јасно дека граѓаните се тие кои ќе мора самите да најдат начин да се самоорганизираат и политички да дејствуваат. Оти политика не се (само) партии. Секој граѓанин има уникатна одговорност да биде активен и гласен. Обврска е тоа. Во рамките на своите работни организации, општини, маала, фамилии, партии, градови – во рамките на својата држава. Немаме веќе луксуз на поделби по ниедна друга основа освен по главната – сакаме ли да имаме држава? И ние сме тие кои ќе мора искрено да одговориме на тоа прашање, со вкалкулиран ризик дека потврдниот искрен одговор веројатно ќе значи и удар по сопствената комоција!
Сакаме ли да имаме држава? Ако сакаме, ќе мораме поинаку. Ќе мораме неколку чекори назад. Враќање кон столбовите на владеењето на правото, базичниот квалитет на услуги во образованието и здравството, заштитата на човековите права – вклучително и правото на живот. Неопходна меритократија во кадровските политики, одговорност без разлика на партиски дрес и едно елементарно чувство на грижа за заедничкото наше, без разлика дали се работи за чување на природата или на државниот Буџет…
Оти, сакаме ли ние воопшто да имаме држава? За нас е прашањето. За НАС.
Не чекајте од нив!
Тие коњот зошто – пошто веќе го продадоа…