Димитров од Форумот на граѓанско општество во Тирана: Граѓаните треба да ги туркаат лидерите кон промени

Регионот може и многу повеќе да стори, дури и ако ЕУ продолжи да го третира со овој „виртуелен процес на проширување“, но граѓаните треба да ги туркаат своите лидери кон промени.

Многу недостатоци на тековниот процес на проширување на ЕУ, вклучително и губењето на трансформативната моќ и неспособноста на ЕУ да ги постави своите приоритети, беа посочени за време на панел дискусијата за процесот на денешниот Форум на граѓанското општество во Тирана, како што известува Europeanwesternbalkans.com.  Беа презентирани и препораките на граѓанското општество за тоа како да се реформира процесот, почнувајќи од обезбедување конкретна цел на кандидатите до поедноставување на одлучувањето.

На Форумот говореа истакнати претставници на граѓанското општество од регионов – поранешни министри за надворешни работи, аналитичари, луѓе од невладиниот сектор, итн. – а учествуваше  и претседателот на „Солуција“ Никола Димитров, којшто истакна дека Северна Македонија, била многу поподготвена за пристапните преговори со ЕУ во 2019 година, кога беше блокирана од Франција, отколку што е сега во 2023 година.

„Проширувањето се претвори од амбиција за трансформација во алатка за управување. Има моментум кога станува збор за дебата, поради Украина, но сè уште немаме резултат, немаме понуда од ЕУ. Има само многу зборови, но не и дела“, рече Димитров, којшто е и поранешен македонски министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции .

Тој, сепак, додаде дека регионот може и  многу повеќе да стори, дури и ако ЕУ продолжи да го третира на овој начин, со, како што рече, „виртуелен процес на проширување“, но граѓаните треба да ги туркаат своите лидери кон промени.

„Чудата се можни, но некој треба да ги оствари“, рече Димитров.

Дитмир Бушати, поранешен министер за надворешни работи на Албанија, рече дека формалниот напредок во проширувањето повеќе не значи напредок во демократијата и дека јазот меѓу Западен Балкан и земјите од регионот кои влегоа во ЕУ расте, а не се намалува.

Тој беше критичен и за надворешнополитичкиот пристап на ЕУ кон Западен Балкан.

„Многу ми е тешко да разберам зошто ЕУ има специјален пратеник за Косово – Србија, зошто надворешната политика би ја подделегирале кон регион кој не е далеку, но пред вашите порти? Така се испраќаат измешани сигнали“, рече Бушати.

Тој додаде дека смирувањето на Србија нема да успее да го приближи Белград до ЕУ, на пример во однос на воведувањето санкции кон Русија.

„Гледаме многу малку геополитика. Влезот во ЕУ треба да биде процес во кој непријателите треба да се трансформираат во соседи, а тоа не се случува со Косово и Србија“, рече Бушати.

Тој, сепак, додаде дека не е за санкционирање на Србија, бидејќи тоа веројатно само ќе ги зацементира оние што се на власт. Наместо тоа, рече тој, Србија и Косово треба да бидат поттикнати со унифициран пристап на ЕУ.

Аднан Ќеримагиќ, виш аналитичар за Западен Балкан во Европската иницијатива за стабилност, истакна дека актуелната политика на проширување на ЕУ не влијае на секојдневниот живот на граѓаните, на пример во Митровица во северно Косово.

„Резултатот на актуелната политика на проширување е дека политичарите и граѓаните се цинични кон ЕУ. Поентата е дека ЕУ секогаш доцни. Се плашам, ако ги гледаме дебатите во ЕУ во моментот, ние сме на работ на губење на моментумот што го создаде Украина“, рече Керимагиќ.

Тој предупреди дека стравот од насилство се враќа во регионот.

„Лидерите кои ќе се состануваат  во наредните месеци треба да разберат дека ќе зборуваат за мирот, а не за техничките аспекти на пристапувањето“, рече Керимагиќ.

Целиот текст на Europeanwesternbalkans може да го прочитате овде.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here