
Алексеј Навални долго време беше најсилната персонификација на опозицијата на рускиот претседател Владимир Путин. Четириесет и седум годишниот активист за борба против корупцијата преживеа обиди за труење и помина години во некои од најозлогласените руски затвори, затоа што неговата група ја разоткриваше корупцијата на речиси секое ниво на руската држава – често таргетирајќи го самиот претседател Путин.
Дури и од зад решетки, не можејќи да го предизвика претседателот пред гласачките кутии, неговиот глас ја задржа моќта.
Но, на 16 февруари 2024 година, тој глас стивна. Според затворската служба, Навални излегол на прошетка кога изгубил свест и починал.
Веднаш потоа, Кремљ едноставно соопшти дека знаат за неговата смрт, а претседателот бил информиран.
Меѓутоа, ширум светот се завладеа шок и гнев, додека многумина му оддаваа почит на човекот за кого што беше речено дека го дал животот спротивставувајќи се на семоќниот лидер на Русија.

Алексеј Навални е роден во 1976 година, во село западно од Москва. Тој пораснал во Обнинск, град на 100 километри југозападно од Москва, а на крајот дипломирал право на Московскиот народен универзитет во 1998 година.
Но, ќе помине уште една декада пред тој да го започне својот подем како сила во руската политика, градејќи го своето име како борец за борба против корупцијата. Неговиот интернет блог ги таргетираше злоупотребите и корупцијата во некои од големите руски компании контролирани од државата.
Една од неговите тактики беше да купи мал пакет акции во големите нафтени компании, банки и други државни претпријатија и на акционерските собранија да поставува незгодни прашања за дупките во нивните финансии.
Пораката што Навални постојано ја повторуваше беше едноставна: дека партијата на Путин е полна со „измамници и крадци“.
Тој го обвини претседателот дека ја „цица крвта од Русија“ преку „феудална држава“ која ја концентрира моќта во Кремљ. Тој патронажен систем, тврдеше тој, е како царска Русија.
Во неговата борба против корумпираната држава помогна тоа што Навални го владееше уличниот сленг на помладите Руси и го користеше за моќно влијание на социјалните мрежи. Неговата антикорупциска фондација (ФБК) изнесуваше детални тврдења за еклатантна корупција.
Потоа, во 2011 година, тој ги предводеше големите улични протести против режимот на Путин.
До крајот на животот, тој ќе биде час во затвор, час на слобода, додека неговите организации ќе бидат забранети како „екстремистички“.
Во 2017 година, му беше забрането да се кандидира на општите избори. Во тоа време, тој нашироко се сметаше за единствениот кандидат со шанса да го загрози претседателот Путин.
Навални, исто така, ќе преживее неколку наводни – и еден потврден – обиди за посегнување по неговиот живот.
Труењето со новичок
Првиот пат кога Навални се посомнева дека е отруен беше во затвор на издржување казна поради повикување на неодобрени протести. Тогаш имаше 43 години, беше однесен во болница со отечено лице, проблеми со очите и осип на телото.
Во тоа време, медицинскиот наод сугерираше дека станува збор за алергиска реакција – во што тој и неговиот лекар веднаш се посомневаа. Официјално му беше дијагностициран „контактен дерматитис“.
Навални – кој претходно претрпе хемиски изгореници на окото откако фрлија врз него зелена боја во 2017 година – подоцна напиша дека лекарите што го лекувале се однесувале „како да кријат нешто до него“.
Но, второто наводно труење една година подоцна беше случката што предизвика огромен публицитет во светот.
Во август 2020 година, Навални колабираше при лет над Сибир и итно беше пренесен во болницата во Омск. Тоа итно слетување му го спаси животот. Добротворна организација со седиште во Германија ги убеди руските власти да дозволат тој да биде пренесен со хеликоптер во Берлин на лекување.
Во септември, германската влада откри дека тестовите извршени од армијата откриле „недвосмислен доказ дека се работи за хемиски нервен отровен гас од групата новичок“. Кремљ негираше каква било вмешаност и го отфрли наодот за новичок.

Тогаш ЕУ воведе санкции за шестмина високи руски функционери и рускиот Центар за истражување на хемиско оружје, обвинувајќи ги за директна вмешаност во труењето. Русија возврати со пропорционални санкции.
Новичок беше хемиското оружје што за малку ќе ги убиеше поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери, Англија, во март 2018 година. Една тамошна жена подоцна почина после контактот со новичок.
Владимир Путин призна дека државата го држела Навални под надзор – тоа е оправдано, како што тврдеше тој, бидејќи американските шпиони му помагале на блогерот.
Закрепнат, Навални се врати во Москва на 17 јануари 2021 година и веднаш беше приведен, како што и се очекуваше. Тој на Инстаграм рече дека чувствувал дека никогаш и не заминал – па немало друг избор освен да се врати.
Тој никогаш повеќе нема да биде слободен, и покрај тоа што неговите поддржувачи организираа масовни протести низ Русија. Полицијата на протестите одговараше со сила, приведувајќи илјадници луѓе поради присуство на недозволени собири.
Апсењата не го одвратија неговиот тим од зацртаната мисија. На YouTube брзо беше објавено видео од „палатата на Путин“ со фокус на огромната луксузна вила на Црното Море, наводно подарок за рускиот претседател од негови богати соработници.
Видеото беше прегледано повеќе од 100 милиони пати. Кремљ го отфрли како „псевдо-истрага“, а Путин го нарече „здодевно“, негирајќи ги тврдењата. Подоцна, бизнисменот милијардер Аркадиј Ротенберг, еден од најблиските пријатели на Путин, рече дека тоа е всушност лично негова палата.
Судскиот случај што следеше му овозможи на Навални јавно да ги објави своите наводи против претседателот Путин, во она што сега се претвори во лична пресметка: тој го обвини претседателот дека им наредил на државните агенти да го отрујат – и тоа го повтори на суд.
„Неговата главна болка со мене е тоа што ќе влезе во историјата како трујач“, изјави Навални со презир пред судот. „Ги имавме Александар Ослободител, Јарослав Мудриот и ќе го имаме Владимир трујачот со гаќи“.
Гаќите во меѓувреме станаа популарно меме на социјалните мрежи во Русија, откако Навални во телефонски разговор со агент на руската државна безбедносна служба се претстави како негов надреден офицер наведувајќи го соговорникот да открие дека „Новичок“, високотоксично руско хемиско оружје, бил всушност намачкан на долната облека на Навални.
Но, иако уште еднаш ги истакна обидите на Кремљ да го убијат, тоа не го спречи судот да го прогласи за виновен. На 2 февруари 2021 година, московскиот суд го осуди Навални на затворска казна поради нарушување на условната казна за измама од 2014 година – случај за кој тој тврдеше дека и онака бил политички мотивиран.
Во меѓувреме, тој и неговиот антикорупциски тим – на сите им беше забрането да се кандидираат на парламентарните избори – сè уште се бореа против Кремљ, овој пат создавајќи апликација за „паметно гласање“ која ги охрабрува гласачите да ги поддржат кандидатите кои имаа шанса да ја победат партијата на Путин Обединета Русија во септември 2021 година.
„Демони“ од минатото или умешност да ги ангажира и либералите и националистите
Но, Навални не беше еднодимензионален херој, кој само се бори против моќниот режим. Имаше и тој свои “демони“ од минатото. Човекот којшто бестрашно го предизвика претседателот Владимир Путин и вешто ја разоткри корупцијата меѓу функционерите, добивајќи широка поддршка во Русија и предизвикувајќи постојани бранови на антивладини протести, исто така се соочи со критики во земјата и во странство за своите националистички коментари на времето.
Се работи всушност за нескриеното одобрување од страна на Навални на националистичките каузи во доцните 2000-ти, вклучително и неговите настапи на Рускиот марш, годишен настан кој собира ултранационалисти од сите бои во Москва, но чијшто интензитет се намали последниве години.
Како одговор, либералната партија Јаблоко тогаш го избрка Навални од своите редови, но под знамето на новата група што ја создаде, Националното руско ослободително движење во 2007 година, тој објави видеа на YouTube во кои се опишува себеси како „овластен националист“ и промовира малку маскирана ксенофобија.

Во една снимка, Навални е прикажан во облека на заболекар додека снимките од мигранти во Москва се прошарани со неговите референци за штетниот забен кариес. „Препорачувам целосна санација“, вели тој во видеото. „Сè што ни пречи на патот треба внимателно, но решително да се отстрани преку депортација.“
Во следните години Навални јавно го ублажи својот тон, но продолжи да промовира конзервативна имиграциска политика, водејќи кампања за воведување визен режим со Централна Азија, главен извор на работнички мигранти во Русија, пред претседателските избори во 2018 година, на кои Кремљ на крајот му забрани да учествува. Тој, исто така, се бунеше и против „исламизмот“ во објавите на неговиот блог дури и во 2015 година.
Навални во неколку наврати изјави во интервјуата дека не жали за неговите минати коментари или видеа и сугерираше дека способноста да ги ангажира и либералите и националистите е дел од неговата сила како политичар.
Во 2000-тите, лабавиот сојуз со етнонационализмот некои руски опозициски фигури маргинализирани од сè поцентрализираниот систем го гледаа како начин да станат позабележливи во политиката и на крајот да се создаде обединето движење против Путин, кој исто така се нарекуваше себеси националист и играше на картата на носталгија за Советскиот Сојуз. Во 2011 и 2012 година, на пример, во огромниот бран протести против владеењето на Путин се забележа и активна вмешаност на националистите.
Навални ја навести оваа идеја во интервјуто со полскиот новинар Адам Михник, кое беше дел од ко-авторската книга објавена на руски јазик со наслов „Михник. Навални. Дијалози во 2015 година.“
„Основата на мојот пристап е дека треба да комуницирате со националистите и да ги едуцирате“, рече Навални. „Мислам дека е многу важно да им се објасни дека проблемот со илегалната имиграција не се решава со тепање мигранти, туку со други, демократски средства: слободни парламентарни избори кои ќе ни помогнат да се ослободиме од измамници и крадци што се богатат на сметка на илегалната имиграција“.
Во поново време, политичкиот активизам на Навални се чини дека претрпе промена налево, при што антикорупцискиот крстоносец се залагаше за нови синдикати и ветуваше дека ќе им помогне на работниците во Русија да обезбедат повисоки плати по годините на пад на реалните плати.
„Не гледам контрадикторност во промовирањето на синдикатите, а истовремено барајќи визи за мигрантите од Централна Азија“, изјави тој за магазинот Der Spiegel додека закрепнуваше во Германија откако беше отруен во Сибир во август 2020.
Про-Кремљ медиумите со години го користеа националистичкото минато на Навални во кампањата за дискредитација на него лично и на неговите сојузници, а тоа го направија и пред протестите што тој ги поттикна по неговото апсење на 17 јануари по пристигнувањето на московскиот аеродром Шереметјево од Берлин.
Државната телевизија се обиде да го дискредитира како неонацист, а споредбите со Хитлер им беа прикажувани на универзитетските студенти за време на предавањата и емитувани на владините канали. Поголемиот дел од таквите тврдења го преувеличуваа ставот на Навални или беа извртени епизоди од неговото минато за да го оцрнат неговото име.
Но, на неговите противници им беше даден голем материјал за да можат да го напаѓаат. Контроверзните видеа и изјави на Навални сè уште се лесно достапни на интернет, вклучувајќи ги и клиповите од 2007 година.
Сепак, Леонид Волков, кој ја предводеше мрежата на регионални политички канцеларии на Навални во Русија, изјави за американскиот магазин The New Yorker во февруари 2021-та дека Навални продолжува да се залага за дијалог со руските националисти и иако жали за видеото од 2007 година за депортирање мигранти, тој не го избришал од YouTube, „бидејќи тоа е историски факт“.
Крајната цел на Навални, смета Волков, е спречувањето на Путин во Русија да постигне критична маса.
„Навални верува дека ако не разговарате со оние луѓе кои присуствуваат на овие маршеви, сите тие ќе станат скинхедси“, рече Волков. „Но, ако разговарате со нив, можеби ќе можете да ги убедите дека нивниот вистински непријател е Путин.“
Путин и неговиот режим се плашеа од влијанието на Навални
Во меѓувреме, руската влада продолжи да го казнува Навални. Во март 2022 година, казната му беше зголемена за девет години откако беше прогласен за виновен по новите обвиненија за проневера и непочитување на судот. Тој беше преместен во нова казнена колонија во Мелехово, околу 250 километри источно од Москва.
Во јуни 2022 година, неговите сојузници го вклучија алармот откако открија дека тој повеќе не е во тој затвор. Федералните затворски власти подоцна признаа дека бил преместен во казнена колонија со страшна репутација, затворот ИК-6, на повеќе од 250 километри источно од Москва, каде што според неговите зборови постојано бил носен во самица.
По изрекувањето на неговата последна казна, изречена од судиите во август 2023 година и со која беше продолжен неговиот затвор на 19 години, беше преместен во максимално обезбедена казнена колонија близу Арктикот, обично резервирана за најопасните криминалци во Русија.

Неговиот груб третман од страна на властите го одразуваше фактот дека Путин и неговиот режим се плашеа од влијанието што го добиваа кампањите на Навални, изјави тогаш за Би-Би-Си проф. Нина Хрушчева, правнука на поранешниот советски лидер Никита Хрушчов и експерти за меѓународни прашања.
„Путин дури и не го спомнува неговото име, никој во Кремљ не може да го спомене неговото име“, рече таа, правејќи споредба со измислениот лик од Хари Потер, Волдеморт – кој исто така се нарекува „Тој чие што име не смее да се спомне“.
„Навални беше закана за личната моќ на Путин, за личниот углед на Путин. А, Путин е познат по тоа што своите непријатели не ги третира лабаво и Навални за жал, како што велиме во Русија, го ‘купи’ билетот за да биде личен непријател на Путин“.
Што рече светот по повод смртта на Навални
Украина
Претседателот Володимир Зеленски рече дека Навални е „очигледно убиен од Путин“.
Говорејќи од Берлин, каде што потпишуваше безбедносен договор со Германија, тој додаде дека на Путин не му е грижа кој ќе умре се додека ја одржува својата позиција на врвот.
САД

Претседателот Џо Бајден рече дека „не е изненаден“, туку „огорчен“ од веста за смртта на Навални.
„Тој храбро се спротивстави на корупцијата, насилството и сите лоши работи што ги правеше владата на Путин“, рече Бајден. „Путин е одговорен за смртта на Навални.
Портпаролот подоцна им изјави на новинарите дека Белата куќа бара истрага за смртта на Навални.
Потпретседателката Камала Харис, коментирајќи на Минхенската безбедносна конференција во Германија, рече дека смртта на Навални, доколку биде потврдена, ќе биде „дополнителен знак за бруталноста на Путин“.
Говорејќи пред Харис, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека извештаите за смртта на Навални ја нагласуваат „слабоста и гнилежот“ на Русија.
„Неговата смрт во руски затвор и фиксацијата и стравот од еден човек само ја нагласуваат слабоста и гниењето во срцето на системот што Путин го изгради“, рече Блинкен на маргините на конференцијата во Минхен. „Русија е одговорна за ова.“
Европската унија
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека рускиот дисидент „се борел за вредностите на слободата и демократијата“ и ја направил крајната жртва.
„ЕУ го смета рускиот режим единствено одговорен за оваа трагична смрт.“
Канада
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли рече дека Навални „ја даде својата слобода за надежта за подобра, подемократска иднина за рускиот народ“.
„Извештаите за неговата смрт се болен потсетник за континуираниот угнетувачки режим на Путин“, додаде Џоли.
Чешка
Јан Липавски, министерот за надворешни работи, напиша на Х дека Русија се однесува кон своите граѓани како што се однесува кон нејзината надворешна политика.
„Се претвори во насилна држава која убива луѓе кои сонуваат за подобра иднина, како Немцов или сега Навални – затворени и мачени до смрт затоа што му се спротивставуваат на Путин“, рече тој, мислејќи на убиениот критичар на Путин, Борис Немцов.
Франција
„Алексеј Навални плати со својот живот за неговиот отпор кон системот на угнетување“, рече францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурн на X.
„Неговата смрт во казнена колонија нѐ потсетува на реалноста на режимот на Владимир Путин“, рече Сежурн, изразувајќи сочувство до семејството на Навални и рускиот народ.
Германија

Канцеларот Олаф Шолц рече дека Навални ја платил својата храброст со својот живот.
Шолц се присети на случаите кога разговарал со Навални за „големата храброст“ што го поттикнала да се врати во Русија откако се опоравил во Берлин од нападот со труење.
„Тој сега ја плати оваа храброст со својот живот“, рече Шолц.
Италија
Италијанската премиерка Џорџија Мелони во изјава рече дека смртта на Навални е „вознемирувачка“ и служела како предупредување за остатокот од светот.
„Изразуваме искрено сочувство и се надеваме дека ќе се открие целосната вистина во врска со овој вознемирувачки настан“, додаде таа.
Латвија
Летонскиот претседател Едгарс Ринкевикс во објава на Х рече: „Што и да мислите за Алексеј Навални како политичар, тој едноставно беше брутално убиен од Кремљ“.
НАТО

Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека е „длабоко тажен и вознемирен“ од извештаите за смртта на Навални.
„Треба да ги утврдиме сите факти, а Русија треба да одговори на сите сериозни прашања за околностите на неговата смрт.
Норвешка
„Руската влада сноси тешка одговорност“, напиша Еспен Барт Еиде, министер за надворешни работи на Норвешка, на Х, додавајќи дека е тажен поради веста за смртта на Навални во затвор.
Полска
Полскиот премиер Доналд Туск вети дека „никогаш нема да им прости“ на одговорните за смртта на Навални во затвор. „Алексеј, никогаш нема да те заборавиме. И никогаш нема да им простиме“, рече Туск на Х.
Шведска
Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром рече дека ако „страшната вест“ за Навални е точна, тогаш тоа „претставува уште едно ужасно злосторство на режимот на Путин“. „Немилосрдноста кон Навални повторно покажува зошто е неопходно да се продолжи со борбата против авторитаризмот.
Обединето Кралство
Премиерот Риши Сунак рече: „Ова се ужасни вести. Како најжесток застапник за руската демократија, Алексеј Навални демонстрираше неверојатна храброст во текот на својот живот.
„Моите мисли се со неговата сопруга и со народот на Русија, за кого ова е огромна трагедија.“
Нобеловецот Дмитриј Муратов
Добитникот на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов изјави за новинската агенција Ројтерс дека смртта на Навални претставува „убиство“.
Главниот уредник на најпознатиот независен весник во Русија, Новаја Газета, рече дека верува оти затворските услови довеле до неговата смрт.
Црниот хумор на Навални во мрачните времиња

Навални, најголемиот опозиционер на рускиот претседател Владимир Путин беше познат по својата смисла за хумор, кој блескаше дури и во неколкуте писма што ги испрати од суровите затворски колонии каде што беше затворан.
Навални се прослави со објавување на темелно подготвени истражувачки документарни филмови на YouTube. Истрагите открија корупција во врвот на руската држава, од Путин па надолу по хиерархијата.
Неговото најгледано видео беше речиси двочасовниот приказ на екстравагантната палата, наводно изградена за претседателот.
За што е оваа шипка?
Луцидноста на Навални се гледа во видеото кое е погледнато над 130 милиони пати.
Во еден момент, опишувајќи ги плановите за поставување на шипка на сцена среде една од собите во палатата, тој вели: „Едноставно не можеме да замислиме зошто е потребена шипка на сцената. Можеби за новогодишна елка или џиновско гиро?
Тој, исто така, го исмејуваше Путин за изградбата на подземен бункер под палатата.
„Тука можете да уживате во она што е најважно за нашиот национален лидер – да се биде на многу безбедно подземно место каде ништо не ви се заканува.“
Откако беше отруен на лет во 2020 година, Навални беше евакуиран во Германија каде што беше лекуван. Подоцна, додека работел со истражниот медиум Bellingcat, тој тврдел дека ги идентификувал трујачите на руската тајна служба одговорни за неговиот обид за атентат.
Во неверојатен телефонски разговор тој повика неколку од неговите потенцијални атентатори. „Овде е Алексеј Навални. Зошто сакавте да ме убиете?“ ги праша. Претставувајќи се како претпоставен офицер, тој натера еден од агентите да ги објасни и најситните детали од обидот за атентат во телефонски повик снимен и објавен на YouTube. Откритијата беа многу срамни за Кремљ.
По закрепнувањето, во јануари 2021 година Навални се врати во Русија каде веднаш беше уапсен.
Додека беше во затвор, тој често им пренесуваше пораки на своите адвокати кои беа објавувани на социјалните мрежи. Тие честопати ги опишуваа неговите влошени услови на притвор и неговата борба дури и за многу основни работи што му беа потребни.
Здраво на сите од дното на пирамидата на Маслоу!
Во една порака од ноември 2022 година, тој рече дека ја тужел затворската управа затоа што одбила да му даде зимски чизми за да може да излезе надвор. Морајќи да избере дали да не оди на кратки прошетки што му беа дозволени или да ризикува да се разболи од екстремниот студ, тој рече дека бил поставен „на најниското скалило на хиерархијата на Маслоу“, мислејќи на познатиот концепт во психологијата. Концептот опишува хиерархија на човечки потреби, при што физичкиот опстанок, односно задоволувањето на базичните човекови потреби е сместен на самото дно на пирамидата на Маслоу.
„Здраво на сите, од дното на пирамидата на Маслоу“, се пошегува тој.
Во друга порака, тој рече дека шетањето во неговата затворска колонија на -32 степени Целзиусови е можно „само ако може да ви пораснат нов нос, нови уши и нови прсти“.
Огромната плата
Алексеј Навални раскажал дека секој ден во затвор го буделе во пет наутро со песна на популарниот руски пејач Шаман.
Песната се вика „Јас сум Русин“.
Во објавата на X, Навални рече: „Пејачот Шаман [чие вистинско име е Јарослав Дронов] стана познат кога веќе бев во затвор, па не можев ниту да го видам ниту да ја слушам неговата музика. Но знаев дека тој стана главен пејач на Путин.“
Тој коментираше дека државните власти рекле оти ултра-националистичката поп песна се пуштала за едукативни цели.
„Да бидам искрен, сè уште не сум сигурен дека правилно разбирам што е пост-иронија и мета-иронија. Но, ако ова не е тоа, што е тогаш? се пошегува Навални.
Еден ден пред да почине, Навални се појави на суд, каде се исмеваше со лошите плати при што ги обвини корумпираните руски службеници дека ги дополнуваат со мито.
„Почитуван судија, ќе ви го испратам бројот од мојата сметка за да можете да ја искористите вашата огромна плата како федерален судија и да го ‘загреете’ моето лично салдо, бидејќи ми снемуваат пари“, му рекол тој на судијата што го води случајот. Излезе дека тоа беше неговото последно појавување во јавноста.