За Борче Стаменов, иницијаторот и главен двигател на платформата „Донирај компјутер“ веќе ретко кој не чул во Македонија – секогаш насмеаниот и позитивен лик којшто досега израдувал илјадници дечиња, но и останати категории граѓани. Повеќе од шест години овој млад човек неуморно работи на поправка на користени компјутери и ги подарува на оние што имаат потреба од нив, а не може да си ги дозволат. Приказната почнува во фирмата “Бидат информатика“ од Кавадарци каде што Борче е вработен, и како и многу други работи во неговиот живот, како што вели, се’ било спонтано и без план.
„Кај нас во фирма често се случува клиентите кога ќе купат нова компјутерска опрема, старата да ја остават. Тие компјутери јас ги користев за учење. Како за мене, така и за практиканти кои доаѓаа повремено. Идејата дојде кога кај нас влезе некоја жена и побара половен компјутер за нејзините деца. Направив еден, ставив се’ што треба на него, инсталирав некоја игра и им го однесов дома. И кога ја видов радоста во очињата на тие деца, тоа навистина ме допре многу, а јас имав повеќе половни компјутери. Па, си реков ова може да излезе и една поширока благородна мисија. И така, објавив на социјалните мрежи дека ако меѓу пријателите имам луѓе кои се во социјален ризик и немаат средства за нов компјутер, ние ќе им дадеме. Имав околу десетина. Го поделив за десетина дена на луѓе од Кавадарци. Следниот ден, кавадаречка фирма која беше обновила опрема донесе уште 15. И тоа беше, тргна возот.“, се сеќава Борче на почетоците на „Донирај компјутер“.
Помош од општествено одговорни компании
Иницијативата растела и се развивала со помош на пријатели, компании, ученици и сите оние што препознале некаква човечност во неа. На почеток, предизвик била доставата на компјутерите до крајните корисници. Со еден повик на социјалните мрежи се јавила карго службата „Еко Логистик“ и оттогаш тие бесплатно ги испорачуваат сите нивни донации низ цела држава.
Потоа Борче и неговите соработници размислувале како да обезбедат транспорт за поголеми донации и повторно пишале статус на социјалните мрежи. Истиот ден ги исконтактирале од „Нептун“ и тие сега се грижат за сите поголеми донации да им обезбедат камион. Таа соработка во меѓувреме се проширила и сите продажни салони на „Нептун“ служат како хабови каде што граѓаните може да донираат било каква ИТ опрема, а оттаму еднаш неделно ја доставуваат до работилницата на Борче и неговите колеги во Кавадарци.
Потребно им било и возило за да може да патуваат низ Македонија и да договараат идни донации. Повторно ги „повикале“ на помош социјалните мрежи и после нивниот пост им се јавиле од првата македонска платформа за донирање, т.н. crowdfunding, Ecrowd.mk, со чија поддршка собрале донации од граѓани, а Шпаркасе лизинг донирале околу 40% од потребната сума за набавка на автомобилот. Потоа излегол проблемот како непрофитна организација ќе има за патарини, бензин, паркинзи, и сл. Повторно им помогнале добронамерни луѓе, овој пат од компанијата „Дади компани“ коишто им донираат 10.000 денари месечно за овие трошоци. Благодарение на ЈП Градски паркинг „Донирај компјутер“ може бесплатно да паркира на територијата на град Скопје.
„Можеби сето ова спомнато личи како некакви проблеми и предизвици, но нам некако ни оди од рака прилично лесно да ги решаваме благодарение на ваквите општествено одговорни компании. И ова не сакам да се сфати како некаква реклама за нив, туку како наше големо благодарам“, вели Борче Стаменов.






Искрените детски пораки на благодарност за донираните компјутери му го полнат срцето, вели Борче, а за својата иницијатива и хуманост доби и специјална награда од Европската унија.
Досега донирани преку 2.500 компјутери
Иницијативата на „Донирај компјутер“ пополека почнала да добива се’ посилен замав, и ако на почетокот годишно успевале да донираат стотина компјутери, сега таа бројка се остварува за една недела. До денес, се донирани преку 2.500 компјутери низ целата држава, открива Стаменов. Нивната фан страна на Фејсбук засега е единственото место каде што граѓаните може да се пријават дека им е потребна донација. Секако, треба да се исполнат некои услови за едно семејство да добие компјутер – ниски приходи, невработеност, итн. Особено значење иницијативата доби за време на пандемијата, таму некаде од март 2020 година, кога илјадници ученици и студенти во Македонија мораа да следат онлајн настава поради карантините и локдауните. Голем дел од младите немаа пристап до компјутери и не можеа тоа да го прават. Мисијата на Борче и неговите соработници беше на тие деца да им подадат рака и да им овозможат образование во тие променети околности.
Го прашав мојот соговорник дали освен поддршката од приватни компании и граѓани волонтери, досега побарале и добиле некаква помош од државни и локални институции, покрај веќе спомнатиот бесплатен паркинг.
„Не, затоа што сметаме дека после ќе мора да вратиме нешто назад. Знаеме како функционираат нештата кај нас. Нашата мрежа е испреплетена со други невладини организации и здруженија. Ние си ја знаеме работата и немаме потреба да мешаме политика во нашата работа. Инаку, ние се’ уште сме мала група ентузијасти со големи срца и желба да помогнат каде треба и такви и ќе си останеме. Тоа е убавата работа кај нас. Толку сме мали, а правиме големи промени во општеството. Еве на пример, имајте предвид дека досега имаме опремено 27 училишни кабинети низ цела држава. Дали мислите дека тоа ќе беше можно ако политиката вмешаше прсти?“
Сепак, за да не заборавиме каде живееме, повремено потсетуваат и поединци и организации коишто се обиделе да ја злоупотребат „Донирај компјутер“, за незаслужена себепромоција, или пак да ја искористат нејзината препознатливост во јавноста за своја лична корист и сл. Борче вели дека за среќа тие случаи не се многу, и брзо се разоткриени и санкционирани поради, како што вели, нивната строга дисциплина кога се работи за прецизни податоци – што, каде, зошто, како…
„Некои луѓе, веројатно поради тоа што не разбираат што работиме или не ја гледаат поголемата слика, имаат речено дека ние се промовираме себеси. Но нашиот начин на работа е тој. Ние мораме да кажеме што работиме и зошто и како и каде. Затоа и сме толку успешна иницијатива. Секој кој некогаш донирал, ќе ја види неговата донација некаде на слики кои ги објавуваме на нашите социјални канали. Така добиваме доверба и од луѓето и од компаниите. “






Иницијативата растеше и се развиваше со помош на пријатели, компании, ученици и сите оние што препознаа некаква човечност во неа, ни рече Борче Стаменов.
Повисока цел: дигитална инклузија и дигитална писменост
Гледајќи го ефектот што го постигнува оваа мала екипа на посветени ентузијасти, се наметнува мислата дека „Донирај компјутер“ несомнено може да добие поширока димензија во смисла на дигитализација на општеството, во услови кога имаме граѓани коишто се уште “се плашат“ од картички, банкомати, купување онлајн, користење на интернет, итн. Самиот Борче вели дека нивната иницијатива би можела да прерасне во своевидна кампања за дигитализација и „интернетизација“ на Македонија и дека веќе имаат повеќе партнери коишто се заинтересирани да им помогнат во реализацијата.
„Дигиталната писменост во Македонија е на многу ниско ниво, а ние сакаме и имаме можност тоа да го поправиме. Досега сме пробале и со креирање на повеќе проекти кои за тоа би ни обезбедиле средства и до некаде финансиска стабилност, но на сите наши пријави скоро секогаш стои истиот одговор дека ние не сме економски исплатлива иницијатива. Нам ни е јасно дека ние не можеме да генерираме профит, ‘Донирај компјутер’ не е ни создадена да генерира профит.“, вели Стаменов. Но, додава и дека треба да се гледа всушност поголемата слика.
„Ако можевме без никаков приход и финансии да донираме 2.500 компјутери, замислете што би направиле кога би имале барем малку ветер во грб. Нашата идеја е токму тоа, дигитална инклузија и дигитално описменување. Во Македонија искрено не ни очекувам помош. Овде за вакви работи се нема слух. Но, нашата иницијатива е многу ценета од страна. Доказ за тоа е победата во натпреварот на Дојче Телеком, од каде што ни доделија 35.000 евра наменски средства. Од тие средства е направена кавадаречката и скопската работилница, набавени се резервни делови за идни донации и многу други работи. Втората помош ни дојде од канцеларијата на УНХЦР во Македонија. Со нив веќе и направивме една обука за нивни штитеници. Обуката ја изведоа наши волонтери во соработка со компанијата ‘ДД Ком’. Траеше 2 месеци и на крај секој ученик се здоби со сертификат кој може да му послужи при идно вработување. Имаме многу потенцијал, но Македонија тешко препознава вакви вредности.“, помалку резигнирано вели Стаменов.
Личната битка со болеста како инспирација
Овој неуморен активист со јавноста во повеќе наврати ја сподели и својата лична приказна за борбата против тешката болест, туморот, којашто трогна многумина и веројатно понуди надеж, утеха, инспирација на луѓе со слични предизвици. Го прашав од каде ја црпел таа енергија, ментална сила, да се бори на три фронта, што се вели: да заработува за живот, да работи за „Донирај компјутер“, и да се соочува со предизвиците на болеста? Вели дека личната приказна ја споделил токму за да биде инспирација за другите. Дека и во најтешките моменти многу е важно да останеме прибрани и да се наполниме со позитивна енергија и блиски луѓе. Тие три фронта му станале составен дел од животот без кои не би бил истата личност. Болеста веќе одамна ја нема, но сеќавањата се тука.
„Јас сум лик кој не гледа ниту една минута во минатото и по природа сум голем оптимист. Верувам дека тоа доста ми помогна да поминам низ многу работи. ‘Донирај компјутер’ дојде како цреша на врвот од тортата. Да работиш, да те исполнува работата и притоа со своето знаење да помогнеш на илјадници луѓе и семејства. Оттука е цела моја енергија, а се полнам секојдневно. Фидбекот кој го добивам преку благодарноста на сите тие луѓе е она што не ми дава да застанам.“

„Мислам дека Македонија фати погрешна лента и не верувам дека во скоро време ќе се исправиме. Добрите луѓе овде едноставно не можат да дојдат до израз. Што ме тишти? Непотизам, селективна правда, политички вработувања, криминал, лош образовен систем, лошо менаџирање на комплетно секој сектор, политички пазарења, несоодветен кадар насекаде…“
„Не гледам светлина напред, но не смееме да престанеме да се бориме“
Оптимизмот како што ни кажа на крај на разговорот, му е и тоа како потребен кога размислува за иднината на ова општество, на коешто тој и неговите соработници одбрале еден начин да му помогнат. Вели дека не може да сфати како едно парче земја од милион и пол народ, со плодна земја, со природни убавини, со се’, не може да „се скоцка“ за да биде едно пристојно место за живеење, налик на една Словенија, на пример, да не одиме подалеку…
„Ова е прашање на кое одговорот би бил многу долг, можеби 30 години долг. Многу има да се зборува. Мислам дека Македонија фати погрешна лента и не верувам дека во скоро време ќе се исправиме. Добрите луѓе овде едноставно не можат да дојдат до израз. Што ме тишти? Непотизам, селективна правда, политички вработувања, криминал, лош образовен систем, лошо менаџирање на комплетно секој сектор, политички пазарења, несоодветен кадар насекаде… Тоа посебно не’ вади од кожа нас кои пробуваме на некој начин ова парче земја да го направиме подобро за живот и да ги задржиме младите овде. Реков дека сум оптимист, но кога размислувам за иднината на државата едноставно не гледам светлина напред. Но, тоа не значи дека треба да застанеме и да не се обидуваме, напротив.“