Шест часот попладне. Река народ собрана на плоштадот „Никола Пашиќ“ во Белград од каде се упатува кон улицата пред Собранието – за таму е закажан седмиот по ред протест „Србија против насилство“ преку којшто српското граѓанство бара промени и на власта и на општеството.
Протестите следат по масовните пукања на почетокот на мај годинава во кои загинаа 18 лица, а неколку беа ранети. Девет од загинатите се ученици во едно од најпрестижните основни училишта во Белград. Тие беа убиени од 13-годишен соученик, кој прецизноста за стрелање ја научил благодарение на посветеноста на сопствениот татко кој го носел да вежба на стрелиште. Убиствата беа извршени токму со пиштолот на таткото. Еден ден подоцна, 21-годишен маж уби осум лица недалеку од Белград, со што веројатно се прели чашата на длабоко незадоволство – српските граѓани се кренаа против културата на насилство која не само што се толерира во нивната земја, туку и се промовира медиумски и јавно.

Демонстрациите притоа се претворија и во зовриен гнев кон владејачката партија и претседателот Александар Вучиќ, оти како што велат демонстрантите – тие се и креатори и промотори на културното уназадување на српското општество и порастот на шунд културата, која за жал оди рака под рака со агресијата и насилството.
Овој седми протест по ред екипата на „Солуција“ го проследи во Белград и од таму директно ви ги носиме клучните пораки на луѓето кои по белградските улици бараат креација на еден друг, достоинствен и европски живот.
Вистински луѓе зборуваат за вистински проблеми
Протестот почна со неколку пораки кои толпата ги извикуваше, а од кои највпечатлива се разбира беше и најкратка – „Вучиќу замини!“.
Со пароли испишани на транспаренти, со своите дечиња и миленици српските граѓани побараа промена на системот, одговорност, стоп за насилството и културата на агресија, а порачаа дека Србија е земја на сите нив, не само на поддржувачите на власта и дека нема да се откажат додека не им бидат исполнети барањата.
Пред присутните прв се обрати Небојша Станојевиќ, рудар од Алексинац, кој зборуваше за несреќата која се случи во април минатата година кога во рудникот „Соко“ загинаа осум рудари, а повеќе од дваесет беа повредени.
Станојевиќ праша:
„Кој е одговорен што лани само за неколку минути се задушија моите другари? Кој одговараше?
Дојдов да барам правда за нив, за моите пријатели и колеги кои беа испратени во мрак и никогаш не се вратија. Јас не сум навикнат да зборувам пред луѓе, јас сум рудар 15 години, имам две ќерки и сакам да порачам дека ние рударите можеби сме навикнати на мрак, но ние имаме и вера во вистина правда и добрина. Затоа, ајде заедно да порачаме дека нема да прифатиме општество во кое нема одговорност и нема последици. Денеска тука добив најдобра можна потврда дека не сум сам. Ќе завршам со нашиот поздрав – среќно!“ кажа Станојевиќ по што доби овации од присутните граѓани.
Втор се обрати познатиот фудбалер Мирко Поледица, кој кажа дека тука е како граѓанин, дека нема политичка боја зад него, но дека чувствува потреба како родител, син, сосед, човек загрижен за иднината на земјата да излезе јавно и да даде поддршка на протестите:
„Немам говор, сакам да зборувам тука пред вас од срце – мораме заедно да се обидеме за подобра иднина! Јас долги години сум во спортот и можам да ви кажам дека Србија нема фудбал, Србија има мафија!
Мафија која ни ги понижува децата и им го одзема правото да се занимаваат со спорт. Мафија која сака да ги претвори во роботи кои слушаат што ќе им се каже“ беше остар Поледица и продолжи:
„Да останеме достоинствени на овие протести, да се обединиме од Врање до Суботица и да им порачаме – ова не е нивна држава, наша е!“

Последен пред собраните зборуваше Павле Цицвариќ, студент по политички науки, кој се осврна на проблемите на младите во српското општество.
„Нашите родители протестираа против насилството на тој режим и омразата тогаш, сега истите луѓе се на власт.
Нашите родители тргнаа еден режим, сега е наша должност да го срушиме овој режим! Ситуацијата е очајна.
Десанка ја заменивме со Карлеуша
Дозволивме да се информираме од „Хепи“ и „Ало“ кои ставаат мета на чело на секој на секој кој мисли поинаку.
Наместо медиумите да пренесуваат колку е оваа маса народ голема тие не игнорираат оти знаат дека сме закана сме за режимот, оти се плашат од нас. Предавници ли сме ако сакаме една поинаква Србија со култура на дијалог, а не на насилство? За жал, денеска улицата е единствено решение и затоа ова мора да продолжи! Вучиќу замини!“ порача младиот студент и доби најголеми овации и поддршка од публиката, особено во делот кога ги критикуваше медиумите и начинот на којшто тие известуваат.
Протестот пред Парламентот заврши со порака до собраниот народ да остане мирен и достоинствен, но и со ветување дека овие протести нема да бидат само говори, туку и конкретна акција на блокирање на патишта и слично за да се обезбеди посилен притисок кон властите да се слушнат барањата.
Политичката реализација на револтот е предизвик
И додека граѓанството на Србија е обединето и силно е решено да не попушта во обидот да се издејствуваат бараните промени (ова се најмасовните протести кои се случиле во Србија во последната деценија), сепак чувството е дека овој граѓански револт засега барем тешко добива своја политичка реализација. Граѓаните можат да излезат на улица, но политичарите се тие кои овие барања и револт треба да ги преточат во конкретни политички потези и одлуки. А има ли во Србија такви во моментов? Опозицијата разбирливо не само што ги поддржува, туку помага и во организирање на протестите, но тоа тешко дека е доволно. Според најавите, протестите ќе се прошират во уште десет градови низ целата земја, а организаторите сметаат дека ќе треба да има и некаков тип на институционална непослушност. Но, летото и летните одмори кои се веќе започнати разбирливо се предизвик сам по себе за организација и собир на што повеќе луѓе. Проблем е и што опозицијата не е доволно силна и обединета. Кога се читаат некои изјави на опозиционери се има впечаток дека тие повеќе се грижат за иднината и опстанокот на власта. Секако, се игра и на картата на Косово. За пример можеме да ја земеме оваа изјава на Вук Јеремиќ, кој смета дека протестите не му носат ништо добро на народот, а му одат во прилог на Курти.
„Приштина ја користи оваа флуидна ситуација за да направи неколку агресивни чекори напред, за да може Курти, еден ден, кога Вучиќ ќе ја стабилизира ситуацијата дома, да понуди како отстапка враќање неколку чекори назад, што всушност е истата состојба пред ескалацијата. Србите денеска се помалку безбедни, а сето тоа е поради политичките проблеми кои ги има Вучиќ дома. Тоа, тој коцкарски тип каков што е Курти го користи за себе“ вели тој.

Сепак, без разлика на засега непредвидливиот и недоволно конкретен политички израз, факт е дека ова масовно граѓанско незадоволство е нешто што српската власт не може да го игнорира. Сериозни и еминентни аналитичари велат дека она од што Вучиќ се плаши е што ова се протести на млади луѓе, луѓе кај кои тешко поминува класична политичка пропаганда, карактеристична за балканските лидерства. Власта се труди да ги разводни протестите со најави за вонредни избори и понуда за некаков политички дијалог со опозицијата:
„Јас ги повикувам на разговор сите политичари, дури и оние за кои мислам се најлошо. Мојата врата е отворена за секој од нив, да ги решаваме проблемите низ институциите на системот. Проблемите не се решаваат на автопати и улици. Што се однесува до барањата, тие политичари не ги интересираат вистински децата, туку само им е важно мене да ме симнат од власт“ кажа Вучиќ, а на демонстрантите им порача да „шетаат колку сакаат, само да не оштетуваат ништо“.
Кои се главните барања на демонстрантите:
- Крај на промоција на насилството и смена на сите членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ);
- Укинување на ријалити телевизиските програми кои промовираат агресија и насилство;
- Забрана на печатени медиуми кои кршат новинарска етика и промовираат насилство;
- Смена на раководство на РТС;
- Одземање на лиценцата на приватните телевизии Пинк и Хепи;
- Институционална одговорност – смена на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и на директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин;
















