Панел дискусија на „Замисли“ за граѓанскиот активизам: Со мноштво мали победи се добиваат поголеми битки во општеството

„Не мора секогаш да се оптоварувате со големи битки и цели. Фокусирајте се на мали победи. Најдете мали нешта што можете да ги промените во системот и таму притискајте. Многу е важно граѓаните да сфатат дека тие промени се важни и затоа е клучно да се оди чекор по чекор“, беше една од пораките на учесниците на панел – дискусијата „Граѓански активизам за системски промени: добиени битки“ што „Замисли“ ја организираше деновиве.

Иако Словенија важи за една средена, еколошки чиста и економски просперитетна земја, и таму политичките елити знаат неретко да  застранат од патот на она што значи јавен интерес и благосостојба на своите граѓани. Па, така, веројатно не многу луѓе во земјава се информирани дека пред околу две и пол години Словенците беа во голема опасност нивните водени ресурси да бидат загрозени поради регулатива што тогашната влада на Јанез Јанша, инаку доста искомпромитиран словенечки политичар поради бројните скандали за корупција во коишто беше инволвиран во своите неколку мандати, сакаше да ја протурка. Имено, тамошната влада предлагаше Закон за води со кој што, меѓу другото, би се одобрувале градежни проекти во близина на реките, езерата и морето, а коишто може да ја загрозат животната средина.

Но, на патот на намерите на властите се испречи младата Ника Ковач, антрополог по образование и гласна граѓанска активистка, која покрена цела кампања против проблематичниот Закон за води, што резултираше со референдум на 11 јули 2021, кога речиси 87% од излезените граѓани гласаа против законот. Приватизацијата на водите била спречена, и покрај сите проблеми и притисоци со коишто се соочувала Ковач и нејзините поддржувачи во кампањата.

Токму Ника Ковач деновиве ги сподели  со македонската публика  своите искуства и научени лекции од оваа кампања, но и други кампањи што ги има иницирано во својата земја, на панел – дискусијата што ја организираше Граѓанската сила „Замисли“, платформа иницирана и промовирана минатиот декември од страна на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.  

„Најважната работа што ја направивме со референдумот е што им покажавме на политичарите дека како граѓани сме важни. Тука сме, плашете се бидејќи ве набљудуваме и ќе продолжиме тоа да го правиме“, рече Ковач, која што истакна дека излезноста на референдумот од 46,46% била една од најголемите дотогаш во Словенија. А, тоа е особено значајно бидејќи референдумот е одржан сред лето, додека власта, според зборовите на Ковач остро се противела на кампањата и сторила сѐ за референдумот да не успее.

„Најважната работа што ја направивме со референдумот против Законот за води е што им покажавме на политичарите дека како граѓани сме важни.“, порача Ника Ковач, граѓанска активистка од Словенија којашто во преку видео врска се обрати на панел – дискусијата „Граѓански активизам за системски промени: добиени битки“ во организација на Граѓанската сила „Замисли“

„Како граѓански активисти се соочувавме со големи проблеми. Бевме и мета на физички напад што нѐ принуди да ги преселиме нашите канцеларии. Но, не се откажавме и одлучно се противевме на она што го сметавме за лаги на власта. Што и да најавеше владата, истиот ден го проверувавме“, рече Ковач.

На настанот, што „Замисли“ го наслови „Граѓански активизам за системски промени: добиени битки“, таа упати една порака до македонските граѓани, пријатели и поддржувачи на „Замисли“: „Не мора секогаш да се оптоварувате со големи битки и цели. Фокусирајте се на мали победи. Најдете мали нешта што можете да ги промените во системот и таму притискајте. Многу е важно вашите сограѓани да сфатат  дека тие промени се важни и затоа е клучно да се оди чекор по чекор“.

Тасевски: Како ја добивме оваа битка во М-НАВ

На панел – дискусијата, освен Ника Ковач, учествуваа и познатата новинарка Сашка Цветковска, главна уредничка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), како и Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, особено експониран изминатиов период во јавноста поради настаните во државната компанија за навигација М-НАВ.

Модераторката на дискусијата, новинарката и со-основачка на Солуција Катарина Синадиновска, го праша Тасевски за тоа како успева сите овие години (тој е претседател на Синдикатот од 2006 година, н.з.) да одолее на политичките притисоци од секоја гарнитура на власт, којашто за жал, институцијата којашто треба да е синоним и гаранција за професионализам, всушност е предмет на партиски пазарења и место за вработување на партиски војници и блиски роднини на високите функционери.

„Клучно е заедништвото и нашата сплотеност како фела, која што има една специфична и многу одговорна професија, од која што зависат животите на многу луѓе што секојдневно полетуваат или слетуваат на македонските аеродроми, или пак прелетуваат над Македонија. Токму затоа ние не смееме да имаме раздор меѓу себе кога бараме од политичарите да не ја загрозуваат професионалноста и кредибилитетот на контролата на летање и останатите служби во М-НАВ, без оглед на етничката, верската, политичката или било која припадност на членовите на нашиот синдикат“, објасни Тасевски.

Да потсетиме, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) изминативе две години имаше серија реакции и  конфликти со раководството на М-НАВ и одговорните во надлежното министерство поради партизацијата и клиентелизмот што владеат во организацијата. Проблемите кулминираа периодов, кога дури и физички беше нападнат вработен во контролата на летање од страна на активисти на владејачка партија, по што ССКЛ се закани дека ќе го затвори македонското небо доколку Владата не ги смени директорите. Една битка е добиена, раководството беше променето на владина седница, но остануваат уште предизвици за решавање во М-НАВ, како што се подобрување на условите за работа, набавка на нова опрема, итн. Од друга страна пак, Синдикатот сега се соочува и со притисоци од властите, односно „чешлање“ на неговата работа од разни инспекции, што за Тасевски и не е нешто ново и невообичаено, затоа што, како што рече самиот, „со секоја владина гарнитура истото се случува“.

„Според мене, кај нас најголем проблем е апатијата на граѓаните. Секоја партија доаѓа на власт со ветувања дека ќе биде подобро, и ништо не бива од тоа. И луѓето веќе се длабоко разочарани, се откажуваат од нивните стремежи за подобар живот и голем дел решаваат да си заминат од државава. Ние што решивме дека нема да заминеме, имавме опција или да се приклучиме на целата таа апатична атмосфера, или да се обидеме да го форсираме она што сметаме дека е исправно.“, додаде Тасевски.

И присутните поддржувачи на мисијата на Граѓанската сила „Замисли“ зедоа учество во дискусијата околу тоа како да се креира силен граѓански активизам во Македонија

Цветковска: Граѓаните не се апатични, туку ние како општество не создадовме информиран електорат

Сашка Цветковска  го предводи истражувачкиот тим на новинари, сниматели и други професионалци од ИРЛ, чиишто стории (да ги споменеме само емисиите за болницата „Жан Митрев“, за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, за загадувањето со неквалитетен мазут) успеале  да предизвикаат јавен притисок, па дури и ангажирање на институциите што довело до судски процеси и сл. Цветковска се согласува дека јавниот притисок очигледно не може да биде игнориран од властите, но според неа тој сѐ уште не вродил со плод, во смисла некој одговорен да заврши во затвор и сл. Таа има и нешто поразлично мислење од Тасевски во врска со мотивираноста на граѓаните да се вклучат во граѓански активизам којшто иницира промени во општеството.

„Јас не можам да се согласам дека луѓето се селат поради апатија, туку повеќе се работи за егзистенцијални причини. И тоа не само заради подобрата плата во западните земји, туку затоа што овде имаат отежнат или никаков пристап до услугите што државата треба да ги пружи. Граѓаните немаат еднаков пристап до јавен превоз, до здравствени услуги, образование, итн. И затоа си одат надвор, затоа што не може да ги добијат основните сервиси. Ова е нефункционален систем“, смета Цветковска. Таа смета дека никому нема да помогне општиот наратив дека луѓето се апатични, недоволно загрижени, итн.

„Македонија и нашите лидери немаат ништо вложено за да се создаде информиран електорат, па и невладиниот сектор и ние медиумите со години помагаме во градење на тој наратив. Ќе дадам и една самокритика за нас, ќе мора да се реорганизира граѓанскиот сектор малку поинаку со цел повеќе да ги вклучи граѓаните во своите акции. Не може ние да ги одредиме потребите на граѓаните, а да не сме ги прашале за тоа, да не сме излегле на терен. Не се само лошите политики на владеење, туку еден од проблемите е и недоволно ефикасниот граѓански сектор, тука ги вклучувам и медиумите. Доколку не излеземе од канцелариите и не прошетаме меѓу луѓето, да видиме што им треба, да користиме наука и технологија во обработката на податоците што ќе ги добиеме и да направиме релевантни анализи за состојбите и потребите на луѓето, нема да може да направиме промени во општеството“.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here