Страшни последици од измените на Кривичниот законик – за истрагата за ужасот во Кочани обвинителите се во буквална трка со времето. Ако претходно за да се соберат сите докази, целата документација, да се сослушаат сите осомничени, да се предадат доказите на увид на осомничените и да се изготви самото обвинение имаа 30 дена, со можност за продолжување на уште 30, измените тој рок го скратија на само една недела!
„Ова значи дека сега ние за скратена постапка имаме можност за притвор од само седум дена. За седум дена треба да го завршиме сето ова и или да поднесеме обвинение или да преиначиме мерка. Како ќе објасниш ти на граѓаните дека тука се работи за огромен случај, има толку многу инволвирани, толку многу осомничени, толку институции треба да се протресат!? Дополнително, трагедијата е во Кочани, а централите на институциите и самите институции каде има сомнеж за сторените дела се во Скопје. Споделување на информации, праќање по пошта – не знаете колку обемен материјал е тоа и колкава работа. Буквално сме како на филм – 24/7 и во буквална трка со времето каде секој час, секоја минута е важна. Ова е огромен притисок.“, велат извори од ЈО за „Солуција“. Обвинителите сепак уверуваат дека не само што деноноќно ќе работат, туку и дека ќе најдат начин и во рамките на овој Кривичен законик процесот да се турка и истрагите да бидат и навремено и професионално завршени, без разлика на очигледните потешкотии предизвикани од законските измени.
ЈО уште вчера формираше тим од шест обвинители, но поради обемноста на случајот, а и поради овој момент со роковите што мора да се запазат, утрово на тимот се додадени уште тројца, со што сега дури девет обвинители се на терен, меѓу кои и обвинителот што го водеше случајот со несреќата кај Ласкарци, каде обвинението беше многу брзо подготвено, а случајот потоа се завлече низ судските лавиринти.
Самиот шеф на ЈО, Љупчо Коцевски од утрово е повторно во Кочани.
Од Обвинителството прашуваат каде се сега политичарите кои ги донесоа, но и експертите кои ги поддржаа овие законски измени:
„Тие што тврдеа дека овие измени ќе помогнат во битката против криминалот и дека ќе ја олеснат работата, додека сите кои нешто разбираат им предочуваа каква катастрофа ќе значат измените за владеењето на правото и борбата против криминалот“, велат од ЈО.
Со измените на Кривичниот законик се намалија затворските казни за злоупотреба на службена положба и овластување дури и при јавни набавки (најголемата можност за крадење), како и за несовесно работење и злосторничко здружување. Тие беа донесени со европско знаменце, иако ЕУ најексплицитно кажа дека никако не ги поддржува и дека се донесени без никаква консултација со Брисел. Нив ги осудија сите релевантни домашни невладини организации кои се занимаваат со владеење на правото, како и многубројни и докажани експерти, судии, обвинители и правници.
Освен тогашната Влада, на чело со Димитар Ковачевски, нив ги поддржа и тогашниот претседател Стево Пендаровски. Во Парламентот поминаа со гласање против на тогаш опозициската “ВМРО – ДПМНЕ“, која беше обвинета дека останала во салата да направи кворум.