–Доктор Беќаровски, Вие сте истакнат во својата професија, но во последниот период сте поактуелен низ Вашата битка, не само Ваша лично, туку и на колегите на Клиниката за токсикологија, посветена против партизацијата и несоодветни вработувања на нестручен кадар. Што се случува всушност на Токсикологија?
Видете, кога би била проблем само Токсикологија, тогаш би имале и добар здравствен систем. Работата е што секаде се случуваат слични работи, кај нас само претече лончето, што би се рекло народски. И најмалите мерила за квалитет не се почитуваат, дојдовме до ситуација кога основните функции за пружање на здравствена заштита на пациентите се доведени во прашање. Со други зборови, во моментов Токсиколошката лабораторија, што е единствена во државата работи „на диво“, односно без валидација на резултати.
–Тоа што е скандалозно е што луѓе кои се незаконски присутни таму, не исполнуваат критериуми, работат како медицински лица. Колку ова влијае на услугите што граѓаните ги добиваат?
Апсолутно влијае. Со секој потпис на договор за вработување, трајно или времено, вие имате и одговорност, на пример за почитување на приватност на пациентите. Ние работиме и со една специфична група на луѓе кои на пример доаѓаат кај нас со проблеми кои ги натерале да посегнат по својот живот. Е сега кога има таква ситуација, овие лица не се обврзани на никаков начин да го прикријат идентитетот на пациентите, што ќе се случи ако утре некој го објави тој идентитет? Кој ќе сноси одговорност? Друго, уште пострашно е самата медицинска заштита и нега. Ако се случи грешка во третманот и лекувањето не постои никаков начин овие лица да бидат санкционирани, оти не се вработени. Тоа е едноставно како кој било од улица да реши, да влезе и да каже – јас од денеска тука работам.

–Трето влијае сигурно и на самата атмосфера меѓу вас како професионалци…
Апсолутно, ние сме мала клиника, сите меѓу себе се познаваме, секогаш имало исклучителна работна атмосфера, а сега односите се до тој степен нарушени што веќе основното функционирање е доведено во прашање.
–И наместо за сето ова да биде разрешена организациската директорка, од каде потекна проблемот со овие лица, го разрешија медицинскиот директор.
Да, што е најблаго кажано – смешно. Неминовен факт е дека проблемите настанаа од назначувањето на економската директорка, која за целиот период не успеа со ниту еден член на Стручниот колегиум да оствари каква било комуникација. Секој со секого може да има непрофесионални односи, иако тоа на работа не би смеело да е случај, но кога имате некој кој со никого не може да комуницира, прво треба самиот тој да се погледне во огледало.
Пробуваат да ни вработат лимар да биде болничар
-Очигледна е политичката заштита што таа ја ужива. Дури и министерот јавно тоа го демонстрираше. Но, еве сега изборите поминаа, ќе се смени министерот најверојатно, уште поверојатно ќе биде сменета и таа самата. Но, тоа не го решава проблемот. Проблемот е системски, Вие и самите рековте дека не е само Токсикологија. Кој е коренот на проблемот во македонското здравство?
Политизација. Тоа не е од вчера или завчера. Тоа особено е изразено од 2006 наваму, иако да признаеме и претходно имаше такви ситуации. Јас сум вработен во 1990 и верувајте дека тоа беше последен регуларен конкурс, без никакви притисоци. 34 години сите конкурси се полу-наместени или наместени. За жал. Начинот на избор е партизиран и политизиран. Не зборувам само за лекарите, иако тоа е можеби најклучно, но вие џабе ќе имате квалитетни доктори, ако сестрите не се, џабе ќе имате квалитетни и доктори и сестри, ако имате болничари со тотално несоодветно образование. Сега се обидуваат кај нас да примат болничар кој е помошник лимар. Па, замислете си каква услуга ќе дава тој. Е до таму е стигната работата. Веќе основни квалификации не се почитуваат.
Во нашата професија не се дозволени импровизации. Работите со живи луѓе, пациенти, тие луѓе бараат помош и вие мора да им ја дадете брзо, стручно и максимално професионално. Порано медицинските сестри доаѓаа со сериозна пракса, веќе подготвени и од првиот ден можеа да се вклучат во здравствениот систем. Сега се отворија илјадници школи, само во Скопје има седум-осум, доаѓаат со максимален успех на хартија, просек од 5.00, а не знаат ништо.

Итно да се спои Клинички центар – доста се веќе 66 директори
-Кои се Вашите пораки до оние кои ќе го добијат секторот здравство и ќе имаат политичка моќ да носат промени?
Прво решавање на терциерно и примарно ниво на заштита. Во моментов секундарно ниво на заштита и не постои. На терциерно ниво клучно е спојување на Клиничкиот центар во едно. Се покажа дека овој систем кој постои само во Македонија и на ниедно друго место не функционира. Клинички центар во кој има 33 посебни единици се покажа целосно нефункционален.
Но, знаете тоа се 33 директори, колачот партиски подобро се дели…
-66, оти се по двајца.
Да, точно така. 66, оти има и економски, покрај медицинските.
И тоа се 165 членови на Управни одбори, наместо да има пет членови на Управен одбор. И тоа се 33 сметководства, замислете. Ние во моментов од тие 4000 до 5000 вработени низ клиниките, една третина е администрација. Во краткиот период кога бев директор, кога имав Ревизија ми рекоа дека имам непополнети седум позиции за сметководство. Сметајте вие од 52 вработени, 15 кои работат во сметководство, па уште седум да вработам…какво оптоварување е тоа на целиот систем. Понатаму, околу набавките. Друго е кога ќе се појави те на пазарот и ќе побарате сериозна количина, од лекови до било што, ние сме мала клиника и тешко можеме да набавиме толку мала количина, или можеме да набавиме, но по повисоки цени. Но, да заклучам – самото спојување на Клинички во едно нема да промени многу, ако се продолжи со истата практика на вработување до сега. До сега, кога ќе се распише конкурс, и тие конкурси се распишуваат во петок, а траат до понеделник, за што помалку луѓе да дознаат…
-Тие кои требало да дознаат, си дознале…
Така, токму така. Однапред знаат не само дека има конкурс, туку и дека ќе ги поминат сите бариери.
Одврзете ги рацете на Стручните колегиуми за да имаме чесни конкурси
-Како да сопре ова? Како до чесни конкурси?
Многу е едноставно. Нека ни дозволат Стручните колегиуми да ги избираат вработени. Тие Колегиуми се сочинети главно од професори, искусни лекари, примариуси, доценти… Ние уште од факултет знаеме од кого ќе биде одлучен доктор, кој се запишал поради тоа што родителите му се на медицина, кој сака само да се фали со белиот мантил. Си го знаеме ние кремот во секоја генерација. Дајте ни, дозволете ни ние да можеме на најдобрите студенти да им овозможиме вработување. Голем дел од децата што ни бегаат во странство, би останале тука, верувајте, да имаат навистина поддршка.
-Последното прашање ми е за вашите колеги. Зошто не се сите клиники вака гласни и не реагира фелата на овие ужасни проблеми на кои посочувате?
Тука има два проблеми. Дел од таа лекарска фела е самата неквалитетна. Ние мора тоа да го признаеме.
-Малку би било како да протестираат сами против себе.
Порано беше чест да се работи тука, имаше систем како се бираше персонал. Дел од старите кадри се пензионирани, дел не издржаа притисоци и заминаа во приватно здравство. Така што прашање е колкав е капацитетот на нашата фела.
-Значи ќе мора силна поддршка, од аспект на медиуми, граѓански сектор, самите граѓани…
Апсолутно. Џабе е нашава битка, инаку. А таа е за пациентите да добијат квалитет, таа битка е за самите граѓани.