Мијалчe Мики Минов, рендген технолог:  Во Македонија не ме вработија, во Англија станав шеф во една од најдобрите болници на светот

Мики Минов е врвен, македонски, а светски признат рендген технолог, со лична приказна што ја сублимира клучната болка на македонското здравство – партизацијата: „Наместо мене примија кандидат без ден работно искуство, ама активен партиски член. Директорот беше искрен – ми рече: „Мики, партијата така ми нареди, ќе има наскоро нови вработувања, ама мораш прво да се зачлениш“, вели тој. Мики не станал партиски член. Се отселил во Лондон. Се вработил во Imperial College Hospital (една од најдобрите сто во светот) и за четири години станал шеф на одделението за магнетна резонанца. Сега се врати во родната земја. Се приклучи на Граѓанската сила – „Замисли“ и додека многумина му се чудат на умот што од таква позиција и од таков среден систем решил да дојде назад, тој со насмевка вели: „Предизвикот е дома. Џабе сме успешни надвор, ако не се вратиме да си ја средиме земјичката“. Прочитајте ја приказната на Мики.

-Раскажете го Вашето искуство со македонскиот здравствен систем? 

Мојот почеток на кариерата беше многу неславен. Добив некој чуден работен “договор на дело” при што добивав пола плата за цело работно време а притоа немав никакво здравствено ниту пензиско осигурување. Кога тој договор требаше да премине во постојан работен однос, на конкурсот беше примен кандидат кој дипломирал пред повеќе години, немаше ниту еден ден работно искуство, но беше активен партиски член. Директорот на болницата беше многу искрен и ми кажа дека за овие вработувања одлучува партијата и дека ако станам активен член, ќе има уште вработувања наскоро и така ќе добијам шанса. Многу се разочарав, но останав посветен и не се откажав.

За среќа тогаш приватните здравствени установи започнаа да инвестираат во модерна опрема и понудија шанса на многу квалитетни здравствени работници. 

Потоа Вие заминувате за Лондон. Како се одвиваше Вашиот професионален напредок таму?

Фрустрацијата од нашиот несистем ме тераше постојано да барам алтернатива. Во Македонија системот има “плафон” и развојот е лимитиран. Исто така системот е селективен, нееднаков и квалитетот не е мерило.

Имав неколку опции. Англија беше идеална шанса, затоа што нуди широки професионални можности

За разлика од нашиот систем, англискиот знае да вреднува и наградува. Токму затоа имав многу брза прогресија во мојата кариера. 

Се вработив во болницата “Charing Cross” која што е дел од Imperial College (рангиран во топ 100 во светот),  институција која што поставува стандарди на светско ниво, референтен центар за многу дијагностички процедури и третмани кои за прв пат се изведени таму.

Имав колеги буквално од целиот свет, најмногу Англичани, се разбира. Преку мојот труд и карактерни особини успеав да се наметнам како лидер и многу скоро бев промовиран во менаџер на Одделот за магнетна резонанца.

Сето тоа се случи некако природно, многу лесно, без посебен притисок. Луѓето од управата го препознаа мојот квалитет и така станав дел од менаџерскиот тим. 

Бев директно одговорен за квалитетот, безбедноста и воведувањето на нови дијагностички процедури, селекцијата и изборот на кадарот

Во  Англија ниту јас ургирав за да се вработам, ниту потоа мене како шеф некој некогаш ми ургирал

-Може ли да направите споредба на двата системи – македонскиот и британскиот? Вие таму имате искуство од обете страни – ем сте биле пријавен на конкурс, сте се вработувале, ем подоцна, после Вашиот напредок сте биле во позиција и да оценувате кандидати.

Многу е тешко да се спореди. Тоа што таму е нормално, кај нас е невозможно. Во Македонија нема процес. Не постои селекција, освен негативна

NHS – jавниот здравствен систем во Англија е можеби најорганизиран во светот. Брои повеќе од 1 милион вработени и има перфектна хиерархија.

Самиот процес на вработување, од апликација, преку селекција, до избор на успешен кандидат за работа е многу транспарентен. На секој му се дава шанса. Не постои партијата, нема дискриминација по етникум, раса, пол, вера, политички гледишта, сексуална ориентација. Единствена референца е квалитетот. Нема притисок при изборот. Се спроведува интервју од комисија каде сите имаме исто право на глас и од највисоко рангираните апликанти се бира – најдобриот. 

-Дали некогаш сте имале некаков притисок таму и дали воопшто некој ги земал предвид Вашите политички ставови?

Во работната средина нема место за наметнување политички ставови. Секој си ја гледа својата работа

Никој никогаш не ми се јавил за препорака или врски при вработување, ниту пак кандидатот што сум го избрал бил подложен на понатамошен ветинг. Тоа е така затоа што процесот е јасно утврден, многу транспарентен и сите имаат доверба во системот. 

Секој неуспешен кандидат добива фидбек, му се укажува на одредени слабости и му се даваат насоки како да ги подобри. На тој начин тој точно знае зошто е одбиен и нема место за сомнеж или незадоволство

Морав да се вратам – предизвикот е дома

Сепак решавате да се вратите во Македонија. Зошто?

Предизвикот е дома. Тука е и најубаво и најтешко истовремено. Треба малку добра волја и многу работа. И работите ќе почнат да се менуваат

Ми недостига чувството на слобода и независност што ја пружа англискиот систем, но се надевам и ние конечно ќе созрееме како општество и ќе се ослободиме од предрасудите и партиската матрица.

Што е она што е главна болка на нашиот здравствен систем, во мноштвото на проблеми?

Партизацијата. Нашиот здравствен систем е како пирамида, длабоко партизиран на секое ниво, а на крај партискиот шеф одлучува. Партискиот штаб решава кој ќе се вработи и дали еден експерт понатаму ќе се развива. Со тоа директно ја афектира квалитетната здравствена услуга на своите граѓани. 

Се додека не се воспостават јасни стандарди на селекција при вработување и одговорност при грешка, нема да се подобри ништо. 

Треба да се работи и на етичките и морални норми многу повеќе. Некако тој неморален момент на партиско вработување, се провлекува и понатаму во кариерата на одредени здравствени работници. Тие имаат обврска кон партијата, се однесуваат непрофесионално кон колеги кои не се согласуваат со нивните политички ставови, не го почитуваат етичкиот кодекс на однесување кон пациентите и работното место, а често се и корумпирани.

Партиите мораат да се одважат, да покажат зрелост и да дозволат луѓето да се натпреваруваат меѓу себе, ама по фер правила. Само така ќе генерираме квалитет и ќе изградиме нормален здравствен систем.

„Замисли“ е прва иницијатива каде се приклучувам – препознав вистина!

-Активист сте на Граѓанската сила – Замисли, велите прв пат се приклучувате кон граѓанска иницијатива. Зошто е важно граѓаните да се активни и да не остават само на партиите да се занимаваат со политика?

Сите ние сме одговорни за средината во која живееме и мораме да бидеме активни во креирањето на политиките. Тоа е нашата општествена обврска. Со гласот на избори не сме завршиле работа. Баш напротив, треба активно и постојано да се притискаат тие што се избрани да владеат. Мора да има меритократија, мора да се избришат поимите “ваши” и “наши”. Мора јасно да се определи каде застанува партијата и каде започнува “натпреварот”

 Во светот промените ги носат граѓанските организации, работничките здруженија и синдикатите. Без нивниот притисок политичките партии комотно си владеат и не тежнеат кон промени 

“Замисли” е нешто различно, вистинско, особено во поглед на желбата за системски промени, без притоа да се очекува нешто за возврат, особено не политичка функција

Луѓето што ги запознав овде се исклучителни професионалци со висока морална свест. Повеќето никогаш не се бавеле со политика, но докажани се во својата област и сакаат преку реални проекти да поттикнат промени. На партиите би им било политички скапо, доколку ваквите проекти кои се од општ интерес на сите граѓани не ги поддржат.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here