„Кој е следен?“ на „јавна седница“ пред парламентот побара да се објават сите документи за дискотеката “Пулс“

Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ денеска на протестот пред Собранието побара да се објави целокупната документација за работата на дискотеката „Пулс“, но и за останатите трагедии кои се случија изминативе години. Протестот беше организиран пред Собранието во знак на револт кон пратениците кои решија две недели да не работат, да не одржуваат седници, ниту да работат собраниските комисии.

Младите луѓе собрани околу иницијативата „Кој е следен?“ излегоа со повеќе конкретни барања на денешниот собир пред македонскиот парламент, симболично наречен „јавна седница“, во знак на револт кон пратениците коишто ршеија две недели да не работат.

Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ денеска на протестот пред Собранието побара да се објави целокупната документација за работата на дискотеката „Пулс“, но и за останатите трагедии кои се случија изминативе години. Протестот беше организиран пред Собранието во знак на револт кон пратениците кои решија две недели да не работат, да не одржуваат седници, ниту да работат собраниските комисии.

„По случајот во дискотеката ‘Пулс‘ нашата иницијатива има дилеми дали институциите ќе ја спроведат правдата. Поради тоа бараме транспарентно и целосно да се објави документацијата поврзана со работењето на дискотеката од 2012 година до денес. Бараме да се објави документацијата од Државниот пазарен инспекторат, Министерството за  економија, Државниот градежен инспекторат, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локалната самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за јавни приходи и консултативното тело за безбедност и превенција во Кочани“, рече Борјан Ефтимов од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.

Од „Кој е следен?“ побараа да се објави документацијата и за случаите „Беса транс“, „Дурмо турс“, Онкологија и за пожарот во тетовската модуларна болница.

Во однос на неработењето на Собранието во моментов, Ефтимов во изјава за медиумите нагласи дека поради тоа граѓаните симболично се собраа таму, поставија столчиња и ќе дискутираат за проблемите, ќе соочуваат различни мислења и аргументи.

„Како граѓани сме фрустрирани од неактивноста на Собранието не само во овие две недели, туку во целиот нас животен век. Собранието е исклучително пасивно иако има најголема обврска да ги претставува граѓаните. Поради тоа решивме кога веќе одат на одмор пратениците кои се платени од нашите даноци, ние како граѓани да се собереме и да дискутираме за своите проблеми, да соочиме различни мислења и аргументи зашто сметаме дека само така можеме вистински да го промениме системот и да се избориме за напредок на државата“, рече Ефтимов.

Од „Кој е следен?“ рекоа дека имаат барања и до инспекторите од централно и локално ниво, односно сметаат дека треба да се формира граѓански сервис „Е-инспекторат“, кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во земјата.

„Со ова, секој граѓанин ќе може да има увид во тоа кои објекти биле предмет на надзор, а кои не. Како што досега бевме принудени да проверуваме кога воздухот е загаден за да знаеме кога можеме да излеземе надвор, сега сме во ситуација да проверуваме кога нашата безбедност е загрозена и кои објекти ја гарантираат“, истакнаа од иницијативата.

Покрај тоа, предлагаат воведување централен телефонски број за пријавување нерегуларности во работата на инспекторатите. На овој број, секој граѓанин ќе може да пријави неправилности, кои потоа ќе бидат проследени до надлежните институции, рекоа од „Кој е следен?“.

Одговорајќи на новинарско прашање за реакциите на семејството на Фросина Кулакова, тој уште еднаш кажа дека секој граѓанин има право да го искаже своето мислење, но „Кој е следен“, напомена, ќе продолжи да се бори за секој граѓанин, за сегашните и за идните генерации.

„Сакаме да живееме тука, вклучувајќи ги и граѓаните кои не се согласуваат со нас. Секогаш ќе стоиме на браникот на слободата на говорот, прифаќаме дека тие имаат право да го кажат своето мислење, а ние имаме да кажеме поинакви мислење и тоа е дел од едно демократско општество“, рече Ефтимов.

Игор Антов од „Кој е следен“ порача дека имаат и барања за безбедност кои што се поделени во два дела, безбедност и одговорност. Бараат да се оформи електронски инспекторат со што секој граѓанин ќе може да има увид кој објект и локал бил подложен на  инспекциски надзор а кој не, како и обезбедување на функционален јавен превоз.

„Мобилноста во денешното време е неопходност поради тоа што секој еден од нас секојдневно мора да се најде на правото место во правото време, а моменталниот јавен транспорт не го гарантира тоа, тоа предизвикува повеќе коли да бидат на улиците со што пешаците и секој еден од нас не може да се движи безбедно по улиците. Одредени зони во градот да бидат зони само за пешаци, тоа привремено функционира во одредени места во Скопје, како што е Дебар маало, каде одредени улици за време на викендите најчесто функционираат без автомобили, такви мерки се почетокот за да ги направиме нашите градови, градови на луѓе, а не градови на машини“, вели Антов.

Организаторите на настанот имаа и поставено јавна говорница каде што секој граѓанин можеше да излезе пред парламентот и да си го каже своето мислење. Еден од присутните граѓани порача дека треба да се промени системот и да дојде време кога граѓанинот ќе стане газда, а политичарот слуга, и да се воведе системот на директна демократија, по примерот на Швајцарија.

Инаку, иницијативата „Кој е следен“ почна со протести по случајот со младата студентка Фросина Кулакова од Неготино која беше прегазена на пешачки премин во Скопје. На 24 март, по трагедијата во Кочани,  иницијативата организираше и протестен марш на кој побараа правда, системски промени и поголема безбедност. Од иницијативата ги отфрлаат сите обвинувања дека тие се партиски поврзани и не веруваат дека политичките парии вистински се залагаат за промена. Оттаму велат дека по завршувањето на собирот пред Собранието, ќе донесат заедничка одлука за следните активности.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here