Откако јавниот обвинител Љубомир Коцевски на прес конференција кажа дека измените на Кривичниот законик нема да влијаат на истрагата за Кочани и дека таквите информации се манипулативни, „Солуција“ реагираше до неговата канцеларија, споделувајќи го целосниот брифинг од обвинители од неговото Обвинителство, но и загрижености кои ги адресираат правници и експерти со кои разговаравме.
Коцевски вели дека на никаков начин не мислел да обвини за манипулација во тврдењето дека измените на КЗ им прават огромни штети во нивната работа и дека тој самиот има изјавено оти тие измени се катастрофални и стои на тоа.
„Вашето тврдење е целосно точно. Мојата поента е дека за конкретното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето“ за кое зборував денеска, а тоа е членот 292 од КЗ, тие немаат влијание, тоа сакав да кажам“, вели тој..

Коцевски појаснува: Да нема дилема, измените на Кривичниот законик се најштетните измени донесени во борбата против корупцијата и ни направија директна штета на нашата работа“ Прашан дали може да исклучи отворање на истрага за дела според 353, тој вели дека тоа не може да го направи.
Токму членот 353 е инаку најспорниот оти беше директно опфатен од скандалозните законски измени. Бришењето на фамозниот став 5 кој се однесува на злоупотреба на службена положба. Измените исто така направија и катастрофа од аспект на намалување на предвидените затворски казни. Сега, водење на истрага според тој член би било директно афектирано од овие измени.
Некои од правниците со кои зборувавме коментираат дека и самиот потег да се сведат истрагите во најтешкото дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ е производ токму на измените на КЗ за да се бајпасираат погубните влијанија што тие ги имаат врз членот 353.
Во меѓувреме од Министерството за правда при крај на денот излегоа со коментар дека измените се готват:
“Знаеме дека јавноста е нестрплива. Многу скоро ќе ја имаме првата нацрт верзија за тие измени, рокот ни е секако мај, но очекувам и побрзо тоа да биде”, вели министерот Филков за Солуција.
Измените на Кривичниот законик инаку беа донесени со европско знаменце, иако ЕУ најексплицитно кажа дека никако не ги поддржува и дека се донесени без никаква консултација со Брисел. Нив ги осудија сите релевантни домашни невладини организации кои се занимаваат со владеење на правото, како и многубројни и докажани експерти, судии, обвинители и правници.
Освен тогашната Влада, на чело со Димитар Ковачевски, нив ги поддржа и тогашниот претседател Стево Пендаровски. Во Парламентот поминаа со гласање против на тогаш опозициската “ВМРО – ДПМНЕ“, која беше обвинета дека останала во салата да направи кворум.