Доколку имате приказна што сакате да ја споделите контактирајте го нашиот тим на info@solucija.mk
Синдикатот на контролорите на летање се прослави неодамна откако успешно го спречи обидот на раководството на МНАВ да го поништи конкурсот за избор на нови контролори. Раководството не беше задоволно со резултатите – од 270 пријавени, положија само 8 кандидати, меѓу кои не беа ниту нивните, ниту пријавените деца на функционери од ДУИ. Синдикатот се закани со колективни оставки што автоматски значеше затворање на македонското небо. Пред овој притисок, што наиде на силна поддршка и од медиумите и од јавноста, директорите немаа избор – мораа да се повлечат и да дозволат вработување само на осумте вистински најдобри – „ничии“ деца.
Со претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски разговаравме за нивната битка за одбрана на професионалниот интегритет и независност, поддршката што ја добија од јавноста, состојбите во институцијата, но и во целата држава каде нападот врз кадарните професионалци од страна на партиските центри ја разјаде функционалноста на целиот систем.
„Постојано имало обиди да се протнат кај нас неквалитетни кадри што сме ги одбивале на различни можни начини. Во 2017 година се чинеше дека најдовме решение – кандидатот мора да помине одредени тестирања по примерот на европски држави за да биде соодветен.“ раскажува Александар за „Солуција.мк“.
Тој вели дека нивната професија е специфична и не може да се поврзе со успех во даден предмет, оти може да има случај и кога ученик кој е слаб по успех, да биде исклучителен контролор, оти поседува неопходни квалитети – координација, фокус, следење на повеќе активности истовремено…

Во продолжение Тасевски ја раскажува нивната битка:
„Првите примени кандидати со таков специјално креиран тест беа кандидатите во 2018, тестирањето го спроведоа наши инструктори, но тие не ги измислија тестовите, туку тие се на Еуроконтрол и се полага под шифра, не се знае името на кандидатот и во истата секунда кога тестот завршува се добива и резултатот, дали положил или не што значи нема после тоа човечки фактор, запишано си е во тој сервер.
Кандидатот кој ќе падне следните две години не може да полага пак, оти проценката е дека не може да се подобри во таа мера за толку краток период за да може да исполни критериуми. А ако после две години се пријави пак му се гледаат резултатите дали бил блиску до прагот или далеку, па ако е далеку да не се троши воопшто време.
Значи, навистина тие тестови се многу сериозни и самиот процес на тестирање.
И навистина, кај тие колеги кои положија во 2018 видовме дека тестирањето даде резултати, тоа се луѓе кои се разбираат, кои ги бива, точно си ја знаат работата.
Затоа сакавме и оваа класа што сега се тестираше да помине низ тој филтер.
Веднаш уште на старт имаше обиди да се подрие тоа – што па сега пак такво тестирање, ние не сме глупи, ние можеме да си одбереме кој е квалитетен и сл…
Ние рековме дека француската, германската, шпанската контрола за летање користат ваков метод на селекција, па имаше обиди да се тргне тоа од правилникот, па се боревме… сето тоа беа битки кои не беа во јавност, но јасно беше дека има од старт обиди да се минира изборот.
Видоа дека не можат да тргнат, па ајде да го прават независни македонски компании…
Ние рековме тоа ќе си бидат странски фирми кои реално со тоа се занимаваат, обврзавме тој што ќе ги школува тој и да ги прави селекциите, да си биде и одговорноста негова. Притоа успеавме на мала врата да им протнеме и ние да ги добиваме резултатите и тоа беше многу важно, оти го бајпасиравме и тој дел, да немаме увид во тоа.
Од 260 Данците кажаа дека само 140 ќе тестираат врз основа на пред -тестирање. Врз основа на нивно искуство, тие знаат дека ако не се помине првиот чекор, после тоа е неможно понатаму. Кога тоа помина нашиве инсистираа ајде сега добро ама уште 26 мора да се тестираат. Мора и нив да ги тестирате. И веднаш се јавија кај нас сомнежи – ама зошто па 26, од каде па баш 26 плус. Па не 30 или 25 туку баш 26.
„Солуција“: Јасно беше дека има обид за туркање на „нечии“?
Да. Видовме кои се имиња се појавија и сфативме дека нема тука професионален интерес, туку обид да се протнат „нечии деца“. Се менуваат правила на игра во тек. Тука веќе новинарите почнаа да се распрашуваат околу целата ситуација, ама ние тоа време сакавме да го зачуваме интегритетот на процесот и не кажавме јавно особено оти бевме убедени дека е залудно и ниеден од овие „наместени“ дополнителни 26 нема да помине.
Почнаа тестирањата и навистина никој од дополнителните 26 не помина и повторно имаше дописи, јавувања, притисоци, за во еден да момент не контактираат Данците и да побараат состанок со нас.
Ние успеавме да бидеме кредибилниот нивен партнер во процесот, некаков тип на набљудувачи. Тие сфатија дека внимаваме на зачувување на интегритетот на процесот. Мислеа на почеток ние ќе бидеме против нив, како Синдикат ќе сакаме да се гледа низ прсти, ама сфатија дека ние сакаме професионално да ја истераме работата, а директорите се против тоа.
Значи се направи таа селекција, за на крај кога се избраа најдобрите, цел еден месец нашите директори не ја потпишуваа листата оти играа на картата временските рокови предвидени од Данците да не се испочитуваат и да пропадне целиот конкурс. Сфативме дека сакаат да го срушат всушност конкурсот и моравме да излеземе во јавност и тогаш тој јавен притисок многу помогна.