Измените на Кривичниот законик беа донесени брзо, нетранспарентно и со злоупотреба на европското знаме, и само уште ќе ја дозакопаат и онака урнатата доверба во македонското правосудство, беше клучната порака од денешната панел-дискусија „Измените во Кривичниот законик: европско знаме за дезинтеграција?“ што ја организираше Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, на којашто учествуваа Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Роберт Скот Хејзлет, директор на Националниот демократски институт во Северна Македонија и Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници.
Да потсетиме, Собранието експресно, за ден и пол, во скратена постапка и без амандмани пред десетина дена ги изгласа измените на Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги.
Партиите декларативно се за борба против корупцијата, а друго прават во пракса
„Не само што не беше информирана јавноста, туку и на работната група ангажирана на промените на Кривичниот законик не ѝ беше ништо укажано за тоа дека се спремаат овие спорни промени. Ваква дискусија каква што водиме денеска и сиве овие денови, требаше да се води пред изгласувањето на законските промени, сега е веќе доцна. Но, никогаш не е предоцна за евентуални корекции во регулативата, доколку постои политичка волја, на крајот на денот законот може повторно да се измени. Проблемот е што сите партии декларативно се залагаат за борба против корупцијата и организираниот криминал, но во пракса гледаме нешто сосема друго“, истакна Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Роберт Скот Хејзлет од НДИ истакна дека тие со години имаат инвестирано во развојот во демократскиот капацитет на македонското Собрание, и биле шокирани од брзината со која се донесоа најновите измени на КЗ – во парламентот да влезат во вторник и во четврток целата процедура веќе да е завршена.

Мора да се знае за што точно се користи европското знаме, а тоа не беше случај со промените на КЗ
„Што се однесува на употребата на европското знаме, мора јасно да се знае во кој дел и како овие законски одредби се усогласуваат со европската легислатива, и точно да се знае зошто се користи знаменцето, што тука не беше случај. Загрижува што воопшто немаше дебата и не беше консултирана стручната јавност“, додаде Скот Хејзлет.
Шефот на канцеларијата на НДИ во земјава забележа и на фактот што пратениците од различните политички партии многу лесно наоѓаат консензус кога се работи за спорни законски решенија и измени што се во прилог на самите пратеници или државните функционери генерално, а од друга страна, закони од значење за јавниот интерес и доброто на граѓаните се случува да седат заглавени и со години во парламентот.
На прашањето на модераторката на дискусијата, Катерина Синадиновска, новинарка и ко-основачка на „Солуција“, за тоа како во пракса би изгледале последиците од овие измени, претседателката на Македонското здружение на млади правници, Александра Цветановска, рече дека допрва 14 високопрофилни предмети произлезени од некогашното Специјално јавно обвинителство апсолутно ќе застарат и над 80 лица инволвирани во нив нема да бидат гонети кривично понатаму.
Власта со невешти обиди да ги оправда законските промени
„Вакви чувствителни законски измени не се носат преку ноќ. Луѓето и досега имаа доверба во правосудството којашто е на мизерно ниско ниво, а отсега таа ќе биде само дозакопана. Луѓето не веруваат всушност во системот којшто постои да им помогне да ја добијат правдата“, рече Цветановска.
Таа исто така го искритикува и, според неа, невештиот обид на власта да се оправдаат измените во КЗ, со образложение дека проширената конфискација којашто се додава во регулатива, ќе помогнела наводно за побрзо завршување на судските процеси.
„Тоа апсолутно не е точно, намалувањето на затворските казни што го носат законските промени никако не би влијаело врз конфискацијата, различни постапки се во прашање и една со друга не се поврзани“, објасни Цветановска.
