На 29 октомври годинава Турција одбележува точно еден век откако е прогласена за република. Реџеп Таип Ердоган, прво како премиер, потоа како претседател, е на чело на републиката една петтина од тој век. Неговата победа во тесната трка со противкандидатот Кемал Киличдароглу во вториот круг на изборите во неделата на 28 мај, му овозможи уште пет години на кормилото на оваа земја со 85 милиони жители, распослана на два континенти.
Победата на Ердоган доаѓа во моменти кога Турција е соочена со повеќе предизвици: општеството е длабоко поделено, економијата е разнишана од високата инфлација, расте притисокот за репатријација на сириските бегалци, а тука се и огромните трошоци за повторната изградба на разрушените градови од неодамнешниот катастрофален земјотрес на југот на земјата.
Да ги анализираме накратко сите овие предизвици еден по еден:
Уште колку ќе издржи неконвенционалната економска политика на Ердоган?
Турската економија во моментов е во сериозни проблеми, вклучително и високата стапка на инфлација и ниските девизни резерви. Инфлацијата достигна енормни 85% на месечно ниво минатиот октомври, за да се спушти на 44% сега во април – иако независни експерти сметаат дека оваа најновата бројка нереално отсликува колку се всушност пораснати трошоците за живот во земјата, каде што луѓето не може да си ги платат поскапените кирии, комуналии, храна и останатите основни добра. Критичарите постојано предупредуваа дека неконвенционалната политика на Ердоган да ги држи каматните стапки на ниско ниво со цел да го стимулира економскиот раст не даваат резултати.
И покрај слабата економија Ердоган ги доби овие избори, делумно и поради тоа што искористи обилни средства од буџетот за да ги ублажи последиците од високата инфлација. Економистите ги критикуваа овие мерки како неодржливи, вклучително и покачувањето на минималната плата и на пензиите.
„Турската економија се ‘журкаше’ долго време и многу над своите можности. Сега, после изборите, ќе треба да платиме за сета таа гозба“, вели за Асошиетед Прес (Associated Press) Селва Демиралп, универзитетски професор од Истанбул.

Претседателските избори се одржаа паралелно со парламентарните, при што коалицијата предводена од Партијата на правото и развојот (АКП) на Ердоган го задржа мнозинството во парламентот. Новата влада којашто практично ќе биде предводена од Ердоган (откако тој со референдум го смени парламентарниот систем во претседателски во 2018 година) ќе мора да одлучи дали ќе се држи до ниските каматни стапки, како што вети предизборно Ердоган, ќе прави постепено затегање на монетарната политика, или ќе комбинира помали покачувања на каматите со некои други мерки. Според професорот Демиралп, што и да се избере од ова ќе доведе до забавена економска активност и зголемена невработеност, но прашањето е дали ќе биде контролирано забавување или ненадеен шок.
Ветување за брза реконструкција на разрушените градови, но која ќе биде цената?
Ердоган победи убедливо во турските провинции и градови што беа најтешко погодени од разорниот земјотрес на 6 февруари годинава, којшто однесе преку 50 илјади човечки животи, и покрај критиките дека владата бавно и неефикасно реагирала на катастрофата.
Во девет од 11 провинции погодени од земјотресот Ердоган ги доби изборите, а во својот славенички говор после победата вети дека напорите за повторна изградба на погодените подрачја ќе бидат врвен приоритет за неговата влада.
Светската банка процени дека земјотресот предизвикал „директни штети“ во вредност од 34,2 милијарди долари, што е околу 4% од БДП на Турција за 2021 година. Трошоците за санација и повторна изградба би изнесувале и до двојно повеќе од оваа сума, велат процените.
Двете декади на досегашното владеење на Ердоган беа одбележани со вистински бум во градежниот сектор. И покрај критиките дека недостигот на стандарди и регулатива придонеле за огромното разрушување и бројот на жртви, многумина од неговите поддржувачи сметаат дека тој покажал дека може да гради. Но, геолозите и инженерите предупредија дека кампањата за што побрза реконструкција би донела истовремено и ризици за квалитетот на градбите и нивна ранливост во некој евентуален нов земјотрес во иднина.
Притисок за сириските бегалци да се испратат дома
Ердоган е длабоко свесен дека расте нетрпението кај домашната јавност во однос на 3,4 милиони бегалци од Сирија коишто во Турција најдоа засолниште од граѓанската војна, особено сега кога и самата турска економија е во лоша состојба, па згора на се’ да треба да „храни уште толку гладни усти“. Во својот победнички говор Ердоган рече дека околу 600 илјади бегалци веќе се вратиле доброволно во Сирија, каде што Турција креира т.н. „безбедносни зони“ во северните области на земјата што се под турска контрола. Уште околу еден милион се очекува да се вратат благодарение на здружените напори што Ердоган ги прави со Катар, но тој не даде повеќе детали околу ова. Сепак, експертите за човекови права тврдат дека Сирија се’ уште не е безбедна за голем број бегалци, додека истовремено поларизираната ситуација околу ова прашање во самата Турција уште повеќе ја зголемува опасноста за нив.

Сигнали за уште поцврста рака
Според раните знаци веднаш по прогласувањето на победата, се чини дека реизборот на Ердоган ќе доведе до понатамошна ерозија на човековите права и политичките слободи во Турција, како што коментираат експертите на Атлантскиот совет (Atlantic Council), угледен американски тинк-тенк во полето на меѓународните односи со свои аналитичари во повеќе светски метрополи.
Во периодот помеѓу двата изборни круга, се отвори прашањето дали Ердоган, којшто вети дека ова ќе му биде последен петгодишен мандат, ќе го облагороди своето политичко наследство така што ќе го олабави малку односот кон либералните и левичарските политички противници и заедниците на малцинствата.
Но во двата свои победнички говори во Истанбул и Анкара, Ердоган не беше нешто великодушен во својот говор. Иако прво кажа дека “нема губитници во оваа трка“ и дека “Турција е единствениот победник“, заблагодарувајќи се на сите што гласале, овој тон набргу исчезна. Тој го нарече својот опонент Кемал Киличдароглу некомпетентен и задоволно се смешкаше додека масата поддржувачи го исвиркуваше. Потоа го опиша затворениот курдски политички лидер Селаатин Демирташ и други политички опоненти како “терористи“.
Ги обвини западните медиуми што известуваат од Турција дека се обиделе да го симнат од власт. Исто така, предизвика овации кај насобраната толпа кога ги набеди опозициските партии дека туркале про ЛГБТ агенда. “За нас, семејството е свето“, рече.
Предупреди и дека ќе ги спречи политичките противници да „му наштетат на турскиот успех со помош на некакви посредници“, сугерирајќи дека ќе ги гони новинарите, активистите за човекови права и политичките дисиденти коишто се обидуваа досега да извршат притисок врз официјална Анкара преку жалби до меѓународни институции и влади.
“Ердоган се’ уште има време, можности и простор да ја ублажи својата реторика, да го смени однесувањето и репресијата кон политичките противници, и да се фокусира кон напорите да се санира економијата, која што сега е најголем проблем за огромното мнозинство Турци. Но, овие постизборни изјави на Ердоган сугерираат дека тој веќе го одбрал патот на демонизирање на ранливите групи и таргетирање политички опоненти со дел да ја задржи контролата врз општеството пред тешките економски времиња што најверојатно следат“, коментира Бурзу Дарагаи, соработник на Атлантскиот совет и новинар од Истанбул.

Оддалечување од Западот
Двете децении на власт на Ердоган и третиот претседателски мандат од пет години ќе имаат далекусежни последици за Европа и Азија, сметаат аналитичарите. Додека Турција продолжува да напредува како голема сила, таа ќе се оддалечи од Западот и ќе ги ослабне односите со Европа и САД, смета Ариел Коен од Евроазискиот центар на Атлантскиот совет. Анкара гради врски со Кина преку Шангајската организација за соработка, во која Ердоган размислува да се приклучи. Тој, исто така, има аспирации да стане член на групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка).
Во исто време, турската поддршка на Украина и проекцијата на моќ на Кавказ преку Азербејџан ќе доведат до судири со Русија и Иран, како и континуираното вклучување на Турција на Блискиот Исток, каде Иран демонстрира ненаситни квази-империјални амбиции.
Арапските сојузници на Турција, вклучително и Катар, и старо-новите „пријатели“ како Саудиска Арабија, исто така, може да се изморат од огромните амбиции на Анкара вкоренети во отоманското наследство. Фрустрирана од бариерите за снабдувањето со оружје од САД, Турција, лидер во технологијата на беспилотни летала со својот надалеку фален „Бајрактар“, најверојатно ќе започне со уште посилно градење на воено – индустрискиот комплекс за да ја зајакне својата моќ.
“Business as usual” во односите со Русија и Украина
Победата на Ердоган на претседателските избори многу повеќе значи континуитет наместо промена во надворешната политика на Анкара и односите со Русија и со Украина. Амбивалентниот став на Турција за руската инвазија на Украина – тргување и развој на економска соработка со првата, истовремено обезбедувајќи поддршка за самоодбраната на втората – најверојатно ќе остане непроменет.
Политиката на балансирање на Турција меѓу двете завојувани страни се исплатеше, не само во внатрешната политика, сметаат аналитичарите на Атлантскиот совет.
Во исто време, шатл-дипломатијата на Ердоган меѓу Киев и Москва донесе конкретни резултати – овозможувајќи размена на затвореници во раните денови на војната, посредување во договорот за жито и олеснување на состаноците на делегациите. Со оглед на тоа што Ердоган ја зајакнува својата позиција со ново „гласање доверба“ од турскиот народ, а позицијата на рускиот претседател Владимир се разнишува и внатрешно и надворешно со секој поминат ден на војната и зголемувањето на бројот на загинатите руски војници, Ердоган овој пат може да игра цврсто – да ги притиска двете страни за прекин на огнот, одржувајќи ја функционалноста на коридорите за жито и преговарајќи испловување и на на останатите турски бродови од украинските пристаништа.
Како и да е, справувањето со проблемот со сириските бегалци, полнењето на исцрпените резерви на централната банка и акумулираните проблеми во односите со САД и Европската унија ќе ја одржат Русија високо меѓу главните партнери на Турција, без оглед на се’.
Односите на Турција со Русија не се помалку важни од оние со САД, беше пораката на Ердоган во последните денови од кампањата. Не е изненадување што Путин побрза да му честита на Ердоган за победата – дури и пред да бидат објавени официјалните резултати.
Во исто време, тековните проекти со Украина – особено во одбранбената индустрија и воената соработка – исто така веројатно ќе останат во сила, што значи дека нема да се губи време за транзиционен период во Анкара.