Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во својот петгодишен мандат поднела до Јавното обвинителство вкупно 59 иницијативи за утврдување на одговорност на раководни и службени лица и 56 иницијативи за покренување постапка за кривично гонење, но ниту една иницијатива за кривично гонење не била процесуирана од страна на Обвинителството, изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по повод завршување на мандатот.
„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавно обвинителска одлука што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година наваму, со исклучок на ‘Бачило’. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција“, рече Ивановска на брифинг со новинарите.
Во изминативе пет години, овој состав на Антикорупциската комисија отворил 5.283 предмети, од кои 2.872 од областа на корупцијата, 888 од областа на судир на интереси, 144 од областа на забрани во текот на изборниот процес и 1.379 поврзани со проверка на имотна состојба. Издадени се 898 платни налози за прекршувања на законот и во буџетот на државата се влезени околу 8 милиони евра од наплатени глоби.
„Не сме ние криви што никој не постапува. Дали една птица ја прави пролетта? Не, треба и другите органи да постапуваат, да се гони корупција не е доволно само ние и Државниот завод за ревизија да постапуваме. Не можеме да преземеме одговорност за сите, секој треба да си исчисти пред својот двор. Еве на пример, ние поднесовме иницијативи за кривично гонење за струшкиот градоначалник Рамис Мерко и бизнисменот Кочо Анѓушев, но предметите ни беа вратени. Неколку месеци подоцна, двајцата беа ставени на црна листа од САД. Тоа значи дека нашата работа и сомневање биле точни“, рече Ивановска.
Таа истакна дека би можеле многу повеќе да направат доколку условите кои биле потребни за нивна работа биле побрзо исполнети, при тоа укажа на електронското поднесување на анкетните листови, кое стартуваше дури последната година од нивниот мандат.
На 22 декември 2023 година беше изгласан новиот состав на антикорупциската комисија. За овој состав на ДКСК се согласија и власта и опозицијата во Собранието и според нив се избрани идеални кандидати кои ќе работат на спречување на корупцијата во земјава но и на предмети од коруптивен карактер. Новиот состав беше избран без да има дебата. Претседателка на комисијата ќе биде досегашната ревизорка Татјана Димитровска која во следните пет години ќе стои на чело ДКСК.