Анкетата на Стопанската комора на Северна Македонија покажува дека од 130 анкетирани приватни компании, од најголеми до најмали, на секоја втора ѝ било барано мито. Најкорумпирани се институциите од централната власт, а тие од локалната учествуваат со 22 отсто корупција кон приватните фирми и компании со кои соработувале. На прсти се бројат тие што пријавиле корупција пред Обвинителството, а интересно е што во анкетата овие компании се изјасниле дека само јавните обвинители и Државниот завод за ревизија (ДЗР), никогаш не побарале мито од нив.
Потпретседателот на Стопанската комора Зоран Јовановски ги презентираше резултатите од Анкетата со приватниот бизнис за прашања поврзани со корупцијата, финансирана од УСАИД.
„Корупцијата е канцер на општеството и го кородира од внатре. Но, многу луѓе не разбираат колку е голема штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите, затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во буџетот во државата и потоа државата нема пари за да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните, во образованието, во здравството итн.“, истакна Јовановски.
Во истражувањето спроведено во март годинава, за прашања поврзани со работата на компаниите во 2023 година, од 138 компании, високи 83,3% сметаат дека корупцијата е во топ три најголеми проблеми во државава.
На прашањето „Дали компаниите се соочиле со коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година?“, одговориле 83 компании од кои повеќе од половина (53%) одговориле потврдно на прашањето, додека 47% од нив рекле дека не се соочиле со такви барања.
Централната власт предничи во корупцијата
Прашани на кое ниво во јавниот сектор најчесто наишле на корупција, дури 78% одговориле дека тоа се случило при работа со централната власт, додека 22% при работа со локалната власт.
Од оние што се соочиле со коруптивни барања, најчестите одговори се дека тоа се случувало во постапка за добивање некакво одобрение или дозвола, но коруптивни барања компаниите искусиле и во ситуации на инспекциски надзор, царинска постапка или тендерска постапка. Забележително е што компаниите од приватниот сектор во одговорите навеле дека се соочиле со коруптивни барања и при даночна, судска, катастарска и други постапки. Единствено, ниту една компанија не се соочила со ваков проблем при постапките за ревизија и при јавнообвинителска постапка.
Од 53% компании кои се соочиле со коруптивни барања, дури 61% такво искуство имале помеѓу два до петпати, а 20% само еднаш. Најчесто биле побарани пари, подароци и услуги, но има и неколку примери со барања за нечие вработување или унапредување, како и барања за донација во политичка партија. Она што може да се потенцира е дека при начинот на побарување преовладува индиректниот начин, односно им било дадено до знаење дека од нив се очекува одреден возврат.
Анализирајќи колкави средства биле побарани од компаниите во приватниот сектор кои се соочиле со корупција, кај 51,2% биле побарани од 1 000 до 10 000 евра, но пет компании на прашалникот одговориле дека се соочиле со барања за повеќе од 100 000 евра. Кога се во прашање јавните тендери, најчесто се барало 6-10% од вкупниот износ на тендерот.
Најголем дел од фирмите не дале ништо за подмитување
Најголемиот дел од ваквите фирми кои биле изложени на корупција, се изјасниле дека оставиле така, не дале ништо. Шест од нив сметаат дека „нормално е да се даде нешто“, а само 4 пријавиле кај претпоставениот во секторот. Нема такви во анкетата што кажале дека пријавиле во полиција или во Обвинителство, зашто од сите анкетирани, дури 42 одговориле дека не веруваат оти ќе има ефект ако пријават.
Но, дури 39 од компаниите одговориле дека се плашат од негативни последици за бизнисот ако пријават корупција, стравуваат дека фирмите ќе им пропаднат, што е застрашувачки.
А дека се во право, зборува фактот што само поради неприфаќање на коруптивно однесување, на половината од нив им биле пролонгирани бизнис-активностите: ненавремено добивање дозволи, стоката им стоела на граница, им пропаднале бизнис-зделки и слично.
Спротивно на намалувањето на казните за корупција во Кривичниот законик, бизнис секторот се изјаснил дека за борба против корупцијата треба тие да се зголемат, а дури 47 од нив сметаат дека треба Обвинителството брзо да се изјаснува за пријавите од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), без разлика дали ги отфрлаат или се покренува постапка за некоја од нив.