Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира за затворениот и неконсултатитвен процес со засегнатите страни по измената и дополнувањето на Законот за организација на работата на органите на државна управа, кој со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието ги изгласа во 2:30 по полноќ на 8 јуни.
Претходниот ден, со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување да се носи по скратена постапка.
„Формирањето на три нови министерства и реорганизацијата на системот на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо за Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики“,велат од Платформата во писмената реакција.
Реорганизацијата на државната управа е исклучително важен процес кој, како што потенцираат од Платформата, мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат.
ВМРО-ДПМНЕ се договори со ДУИ за двотретинското мнозинство
Во вчерашните 88 гласа „за“ владината реформа на министерствата, поддршка за законските измени дадоа 58 пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од ВРЕДИ, шест од ЗНАМ, два од турската партија ТДП, еден пратеник од ДПА и шест пратеници од ДУИ.
СДСМ со 16 и Левица со шест пратеници беа „против“ измените и дополнувањата на законот со (вкупно 22 пратеници), а Моника Зајкова од ЛДП беше отсутна.
Двотретинското мнозинство неопходно за носење на овој закон беше обезбедено по средбата меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт вчеравечер на која беше договорена поддршка за законот во замена за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност.
Измените предвидуваат на Министерството за економија да се додаде сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерство за спорт ќе ја наследи Агенцијата за млади и спорт, а дел од надлежностите на министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам, ќе се формира министерство за дигитализација кое ќе го наследи досегашното министерство за информатичка технологија и администрација и ќе се формира министерство за администрација.
Жестоки критики и на сметка на законот и на процедурата за носење на законот имаше од опозициските СДСМ и Левица. За опозицијата реорганизацијата на Владата и воведувањето на четири нови министерства е дополнителен трошок и отвора пат кон нови партиски вработувања што според нив е единствената цел на владејачкото мнозинство.